Во пламен е манастирскиот комплекс од 13 век – „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец, кој се наоѓа на десетина километри од Прилеп.

Противпожарните екипи се обидуваат да стасаат до манастирските порти и да го спасат конакот, јави Дневник.

Центарот за управување со кризи во Прилеп упати апел до сите граѓани кои поседуваат теренски возила веднаш да се упатат кон манастирот Трескавец и да помогнат колку што можат во гаснењето на пожарот што го зафати овој голем манастирски комлекс.

Според пожарникарите и граѓаните што тргнале пешки да помогнат во гаснењето, огнот избувнал во северозападниот дел од конакот. Во манастирскиот комплекс живее монахот Калист.

Пред околу три децении огнена стихија го изгоре до темел, но манастирското богатство темелно се обнови во автентичен стил со донации од граѓаните и од прилепските фирми.

Неодамна почна изградбата на пат за манастирот, вреден 1,5 милион евра, финансиски поддржан од Министерството за транспорт и врски.

| Извор: Инпрес