Следи нѐ
To Top

Минатата недела 2.059 заболени од грип, сезонава 10.545

Во текот на седмата недела од годинава (од 9 февруари до 15 февруари), во Република Македонија се пријавени 2.059 новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип, што претставува зголемување на бројот на регистрирани случаи во однос на минатата недела за 24,6 отсто, соопшти Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Вкупниот број заболени од грип од почетокот на сезоната 2014/2015 заклучно со шестата недела од годинава изнесува 10.545 лица (МБ 510,5/100.000 жители). Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекција со вирусот на грип.

реклама

Споредено со бројот на заболени во седмата недела од минатата сезона, годинава се бележи намалување за 48,2 отсто, а намалување постои и во однос на просечниот број заболени за истата недела во изминатиот 10-годишен период, и тоа изнесува 19,2 отсто. Споредено со истиот период минатата година, постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 29,3 отсто, а во однос на просекот за 10-годишниот период се регистрира намалување за 10,4 отсто.

Заболени лица оваа сезона се пријавени речиси од сите извештајни единици. Нема регистрирани заболени само во Берово.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци покажува дека најголем број заболени на месечно ниво се пријавени во јануари – 4.756 или 45,1 отсто од вкупниот број регистрирани случаи. За две недели во февруари, регистрирани се 3.711 случаи на грип или 35,2 отсто од вкупниот број.

Најголем број заболени од сезонски грип во текот на сезонава се пријавени на територијата на Центарот за јавно здравје Тетово – 1.805 (17,1 отсто). Поголем број заболени се регистрирани и на териториите на центрите за јавно здравје во Скопје (1.747), во Куманово (1.498) и во Прилеп (785).

Највисок морбидитет (МБ 2.480,5/100.000) е регистриран во Дебар, а висок морбидитет се регистрира и во Кратово, Свети Николе и Крушево.

Во однос на возрасните групи, во сезоната 2014/2015 најголем број заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години (6.783 / 63,3 отсто) , а најголем морбидитет е регистриран кај најмладите – децата до четиригодишна возраст.

Бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип во државата продолжува да расте и ваквиот тренд на пораст на активноста на вирусот на грип, со осцилации на интензитетот на пораст, се очекува да продолжи и во наредните недели.

Во седмата недела од годинава, до вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје на Република Македонија пристигнаа осум нови материјали за тестирање на грип, од кои шест се тестирани како позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца (два инфлуенца А; и четири инфлуенца Б).

Од почетокот на сезоната 2014/2015, во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје на Република Македонија анализирани се вкупно 98 хумани материјали од амбулантски и болнички лекувани пациенти, добиени од здравствените установи низ државата, од кои 31 или 31,6 отсто биле позитивни на вирусот на инфлуенца.

Од позитивните, 12 материјали се конфирмирани како инфлуенца А (38,7 отсто), а кај 19 е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот (61,3 отсто). Од инфлуенца А позитивните, два материјали се конфирмирани како инфлуенца А/Х1Н1, шест се конфирмирани како инфлуенца А/Х3Н2, а четири се нетипизирани инфлуенца А вируси.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.