Следи нѐ
To Top

ИНТЕРВЈУ: Македонија – земја на млади информатички таленти

Истражувањата на светско ниво покажуваат дека светот го следи трендот на забрзана компјутеризација, со што компјутерот станува наш универзален прирачник без разлика која работа ја работиме.

Овој тренд ја зголемува побарувачката на информатичари на пазарот на трудот, што претставува одлична можност која многу млади и талентирани лица ја препознаваат како своја идна професија.

реклама

Токму ова беше целта на нашата посета во Центарот за едукација и развој на ИКТ – Илумине, каде разговаравме со професорот Борис Попов за младите информатички таленти во Македонија, но и за изучувањето на ИКТ во образованието.

– „Поттикнувањето на младите да ги изучуваат ИТ вештините не е случајно, бидејќи во најблиска иднина програмирањето ќе биде една од основните вештини на идната генерација. Го живееме тоа движење на општеството каде што човекот се стреми да создава нови уреди со кои ќе си го олесни животот, уреди односно роботи кои ќе можат сами да размислуваат, а за да се оствари оваа замисла прво човекот мора да ги програмира овие уреди за да можат да ја работат својата предвидена работа“ – вели професорот Попов нагласувајќи дека овој тренд е веќе започнат и нема враќање назад.

intervju1

Компјутерот го дефинираме како универзално средство кое се користи во секојдневниот живот за многу работи, комуникација, работа, играње, и најчесто младите, но и возрасните луѓе не знаат да ја искористат вистинската моќ која овој уред им ја нуди. Едукацијата за корисно и правилно користење многу често се запоставува, бидејќи повеќето корисници компјутерот го користат само како средство за забава, отколку учење. Затоа е потребно да се поттикнат младите да ги учат, усовршат и користат ИКТ вештините.

– „Без поттик нема напредок. Доколку прашаме едно дете дали сака да оди во училиште, многу е голема веројатноста да добиеме негативен одговор, но доколку го направиме образовниот процес доволно интересен, тогаш ученици секако ќе сакаат да одат во училиште. Истото се случува и со информатичките вештини. Ако тие вештини ги направиме доволно интересни за младите, тие самите ќе имаат желба да ги изучуваат и во иднина истите да ги користат.“ – додава Попов.

Професорот Борис е претседател на Центар за едукација и развој на ИКТ – Илумине, чија цел е да поттикне тренд на изучување и користење на ИТ вештините помеѓу младите, но и меѓу целото општество.

– „Компјутерите се иднината, а иднината лежи во младите. Доколку Македонија инвестира во младите и во компјутерите, ние би имале полн погодок.“ – за крај додава професорот Борис Попов.

intervju2

МАКЕДОНЕЦОТ ЧИЈА МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА Е „ДАУНЛОДИРАНА“ ПОВЕЌЕ ОД 90.000 ПАТИ

Често пати не е лесен процесот од идеја до производ, но сепак програмерската вештина го покажува спротивното. Многу често, доколку го имаме потребното знаење, можеме за помалку од два часа да направиме готова апликација која може да се понуди пред потенцијални 7 милиони купувачи.

Таков е случајот со младиот талент Јован Јовановски, ученик во гимназијата „Орце Николов“. Јован со само 17 години има изработено мобилна апликација која станала хит на Андроид Маркетот за само 4 месеци.
Повеќе од 93 000 симнувања, 35 000 активни играчи и оценка 3.7, се бројките кои го потврдуваат успехот. Името на играта е “Challenge your friends” или „Предизвикај ги пријателите“ и претставува комбинација од повеќе познати игри за два играчи, на еден уред.

Инаку во гимназијата „Орце Николов“, Јован го знаеле како паметно дете, но никогаш тој не го покажувал својот талент и знаење од областа на програмирањето. Талентот многу често е специфичен, вели професорот Борис, и нашата цел како професори е да ги пронајдеме талентираните деца и да ги насочиме кон областа во која се талентирани.

Затоа во рамките на Илумине постои посебен центар за ИКТ таленти, чија цел е да ги пронајде и да ги мотивира овие млади информатички таленти, односно да им ја даде потребната самодоверба за тие да можат понатаму да го развиваат својот талент, но во исто време и да го промовираат.

ТАЛЕНТОТ НЕ ПОЗНАВА ГРАНИЦИ – СО САМО 12 ГОДИНИ, ДАРИЈАН ШЕКЕРОВ ИЗРАБОТУВА СВОИ АПЛИКАЦИИ

Македонија е една од земјите кои можат да се пофалат дека имаат талентирана информатичка младина. Многу млади, освен што компјутерот го гледаат како уред за забава, често знаат да го искористат во корисни цели.

Еден од овие млади таленти е 12-годишниот Даријан Шекеров, ученик во основното училиште „11-ти Октомври“. Даријан познава повеќе од 6 програмски јазици и своето знаење го должи на Центарот за развој на ИКТ – Илумине.

– „Уште од 4 години почнав да играм на компјутер, а програмирањето почнав да го учам пред 3-4 години. Знам да програмирам во шест програмски јазици и имам изработено повеќе апликации за компјутер, но и за мобилен телефон.“ – ни раскажа младиот Даријан.

intervju3

Има освоено повеќе награди, во областите на информатиката, математиката и англискиот јазик, во конкуренција со средношколци, што го докажува неговото знаење кое уште од 12-годишна возраст е неспоредливо со знаењето на повозрасните. Со програмирање започнал на компјутер, но сега тој работи на мобилни апликации.

Даријан ни ги покажа неговите апликации, кои се уште не се ставени на андроид маркетот, па имавме чест да бидеме првите кои се уверија во креативноста и талентот на овој млад човек.

intervju4

Зборувајќи за својата иднина, Даријан ни раскажа, дека сака да стане светски познат програмер.

БРЕГ МАРКОВИЌ И БОЈАН КАРКАЛАШЕВ – УСПЕШНИ ТИНЕЈЏЕРИ ВО ИНФОРМАТИЧКИОТ БИЗНИС

Како тренд во интензивен пораст, информатиката и програмирањето можат да бидат извор на големи приходи доколку ги имаме потребното знаење и вештини.

Едни од ваквите успешни тинејџери се Брег Марковиќ и Бојан Каркалашев.

Бојан се истакнува со своите способности во веб дизајнот, компјутерскитете мрежи и администрација. Има присуствувано на повеќе обуки и курсеви, а од претходната година има и Microsoft сертификати кои сами за себе зборуваат за умешноста на овој млад бизнисмен и информатичар.

– „Професорот Борис го препозна мојот талент и ме покани да бидат дел од Илумине, каде ги менаџирам сите сајтови на организацијата, а во исто време изработувам два интернет портали и една интернет продавница“ – раскажува Бојан.

Брег пак, во ова интервју ни објасни како социјалните мрежи ги користи не само за забава и социјализација, туку и за промоција и маркетинг. Тој со своите 16 години веќе соработува со повеќе компании каде е задолжен за нивната промоција преку социјалните мрежи.

intervju5

– „Работам со повеќе компании во делот на нивната промоција, ги одржувам нивните фејсбук страници, објавувам содржини кои можат да ги привлечат корисниците на фејсбук, со еден збор целата промоција и маркетинг на компаниите на нивните социјални мрежи.“ – за крај изјави Марковиќ.

Тој понатаму во животот се гледа како сопственик на голема маркетинг фирма.

ФОТО: Емилија Стојменовска за Популарно.мк

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Наука

error: Содржината е заштитена со авторски права.