Следи нѐ
To Top

Струмица живее во карневалска треска

Градот под Царевите кули -Струмица веќе втор ден пулсира во ритмот на карневалска фешта. Шаренилото од маски, игри и песни кои продефилираа на првиот детскиот маскембал и на „Концертот под маски на учениците и наставниците од ОМУ „Боро Џони“ во првите карневалски ноќи, само потвдуваат дека Струмица и струмичани ја продолжуваат вековната традиција на маскирање.

Димитар Поп Пецев и Елена Митрова се првите принц и принцеза, кои ќе го предводат детскиот карневал в недела на Прочка.

реклама

На вечерашниот маскебал ќе бидат избрани принцот и принцезата, кои утревечер ќе ја предводат кралската свита на интернационалната карневалска вечер која ќе трае се до раните утрински часови.

Во повеќеилјадната карневалска поворка, утревечер ќе настапат и 12 карневалски групи од Црна Гора, Хрватска, Словенија, Србија, Бугарија и Турција. Организацискиот одбор и општина Струмица и годинава за најуспешните маски обезбедија награден фонд од 5,4 илјади евра.

Корените на карневалот во Струмица датираат уште од паганско време на што упатуваат маските изработени од кожи на животни, клопотарците кои се составен елемент на маските, како и останите предмети со митска симболика, кои имаат свое место во Музејот на Струмица.

Според етнологот Илија Сувариев за првпат во пишан документ Струмичкиот карневал го споменува турскиот патописец Евлија Челебија, кој во 1670 година претстојувал во градот под Царевите кули и присуствувал на необичен настан. – Групи маскирани луѓе претрчуваа од куќа во куќа. Се слушаше песна, смеа и врисоци, бележи Челебија.

Струмичкиот карневал со текот на времето покрај паганските попримал и верски елементи. Случајно или не тој временски се поклопува со големиот Велигденски пост и се одржувал во вторник. Поточно, Струмичкиот карневал се поклопува со Тримерските празнувања – уште еден карактеристичен белег замо за Струмица.

Имено, по неделната Прочка со кога започнува Тодоровата седмица во Струмица започнуваат Тримерските пости. Тие биле строги пости и ги спроведувале девојките кои во текот на годината биле верени (армасани). Во тие три дена девојките не смееле да јадат, а пиеле само вода. Тримерските празнувања започнувале во „чист понеделник“ ден кога струмичките домаќинки темелно ги чистеле куќите и покуќнината, а струмичките занаетчии пред своите дуќани вареле посен „бел грав“.

Во вторникот бил денот на „армасаните“ кога и се одвивал Струмичкиот карневал. Тогаш вечерта маскирани групи шетали низ градот и ги посетувале домовите на армасаните девојки.

Најчести маски биле младоженец и невеста, попови, ѓаволи, питачи и пагански маски со кожи и рогови од животни. Чести биле маските во кои се хипорболизираат половите органи на момчето и облините на жената, а се пееле песни со еротка содржина.

Вечерта на карневалот младоженецот со своите другари и роднини оделе кај армасаната девојка, која имала за задача, меѓу маскираните да го препознае своето идно момче.

Во среда е празникот Тримери. На тој ден девојките кои постеле одат во црква и земаат причеста. Напладне во куќата на армасаната девојка доаѓала идната свекрва со роднините, кои на невестата и донесувале дарови „синии“. На таа слава исклучиво биле присутни жени.

Трпезата била од посни јадења, сарми без месо, бел грав, варена пченка со ореви. За десерт се служело „зерде“ (сутлијаш варен со вода), локуми и овошје. Се пиело исклучиво боза, која во ѓумови ја носела свекрвата. По ручекот се пееле песни со еротски содржи како вовед на невестата во брачниот живот.

Струмичкиот карневал, како што велат старите струмичани е од векови наназад и не се памети негов прекин. За првпат во седумдесетите години од минатиот век се направени обиди за негово организирање, а како традиционална манифестација повторно организирано заживува и трае од 1991 година.

Со организациското поставување карневалот добива на квантитет и квалитет. Сега главните улици и плоштадот стануваат свет на маските, песната и играта, а карневалот поприма белези на големите карневалски манифестации. Токму масовноста и квалитетот беа влезница на Струмичкиот карневал во 1994 година во Интернационалната асоцијација на карневалски градови.

Со организираниот пристап карневалот покрај традиционалните поприми и влијание од карневалите во опкружувањето и светот. Покрај главната карневаска поворка, Организацискиот одбор карневалот го надоградија со нови пропратни манифестации, кои стана составен дел од карневалското славје. Струмичкиот карневал со текот на времето стана препознатлив белег и бред на Струмица. Со тоа оваа традииционална манифестација покрај културолошката поприма и туристичка димензија.

Дека стумичани со посветеност ја негуваат оваа вековна традиција покажува и фактот што во градот во изминатите 20 години се формирани повеќе здруженија на граѓани кои скоро три месеци заедно ја подготвуваат својата маска, при што вложуваат креација, труд и пари.

Преку карневалот Струмица широко ги отвора портите на другарување, забава и соработка. Ова манифестација со својата атрактивност привлекува гости не само од државата, туку и од соседните земји, а како мост на културна соработка групи од Струмичкиот карневал гостуваат и се претставуваат на карневалите во европските градови.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.