Следи нѐ
To Top

Хафингтон пост: Десет причини да се посети Македонија

Популарната интернет страница Хафингтон пост објави 10 причини за да се посети Македонија, во кои се вели дека главни атракции на земјата се прекрасните езерски одморалишта, богатата историја, љубезните жители, но и поволните цени за странските туристи.

„Откако годинава беше наведена како едно од 50-те места кои треба да ги посетите од страна на весникот Њујорк Тајмс, оваа земја со корени кои допираат од времето на Александар Македонски нуди 10 причини зошто треба да ја посетите. Македонија е комбинација на старото и новото, со нови, монументални згради крај брегот на реката Вардар во Скопје, преку која минува историскиот Камен мост, кој ги поврзува модерните трговски центри со преполниот Стар Град”, пишува новинарката Шерон Хоуг во Хафингтон пост.

реклама

Интернет страницата посочува дека Македонците се многу љубезни и отворени кон странските туристи, вклучително и Американците, и повеќето зборуваат барем малку англиски, но исто така и германски, италијански, албански… Виното, според Хафингтон пост, е уште една причина да се посети Македонија, каде источните делови на земјата забрзано стануваат препознатливи како вински регион. Друга причина е храната, од ефтините улични продавници на брза храна до поквалитетните ресторани, кои сепак се достапни за странските туристи.

„Пробајте ја шопската салата, со краставички и патлиџани прекриени со вкусно солено бело сирење, и не заборавајте на гравчето печено во мали керамички садови”, препорачува авторката. За љубителите на природата, Македонија нуди можности за пливање, кајак, скијање, планинарство, спелеологија, риболов, нуркање, параглајдери… Хафингтон пост ги повикува читателите да не пропуштат да се качат до Милениумскиот крст на планината Водно.

“Македонија е историско богаство, кое датира пред времето на Александар Македонски, со бројни археолошки наоѓалишта и споменици на борбата за слобода. Новиот Археолошки Музеј на Македонија во Скопје ја претставува историјата на земјата, додека во Музејот на Македонија се претставени народни носии од разните делови на земјата. Новоизграден објект служи како споменик на Мајка Тереза, која е родена и израснала во Скопје”.

За можностите за сместување, Хафингтон пост вели дека е лесно да се резервира место во хотел преку интернет, при што цените во модерниот хотел Буши во Скопје се околу 100 долари за ноќ, додека во Инекс Дрим во Струга – околу 50 долари. Како манифестации кои треба да се посетат, наведени се карневалот во Вевчани, Галичката Свадба, прославата на Свети Трифун, Охридскиот маратон, Прилепскиот пивофест, Скопскиот џез фестивал и многу други.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.