Следи нѐ
To Top

Се пренуркува крајбрежниот појас на Охридското Езеро

Педесеттина нуркачи од Нуркачкиот клуб „Амфора“ од Охрид, од охридскиот клуб за подводни дејности, припадници на специјалните единици на АРМ и на МВР, како и нивни колеги од Албанија денеска влегоа во водите на Охридското Езеро, означувајќи го почетокот на необичниот потфат за пренуркување на целиот крајбрежен појас на Охридското Езеро, во должина од 80 километри.

Милутин Секуловски – Миќо, меѓународен нуркачки инструктор од Охрид кој е предводник на потфатот истакна дека проектот предвидува пренуркување на крајбрежниот појас на езерото од македонска и албанска страна во должина од 80,322 метри, на длабочина од пет до 15 метри.

реклама

– Не се работи само за пренукрување на езерото, туку за време на потфатот ќе вршиме подводно фотографирање, снимање и позиционирање на локации што би биле од интерес на научната јавност, како Хидробиолошкиот завод, Завод и музеј од Охрид и други научни институции зависно од интересот, изјави Секуловски.

Тој додаде дека проектот ќе биде финализиран со документарна емисија и изложба на подводни фотографии снимени за време на нуркањето.

За време на првото нуркање денеска ќе се позиционира појдовната точка од каде ќе отпочне проектот, каде и ќе биде заокружено целото снимање за период од некои три до четири месеци колку што ќе трае потфатот.

– Можеби ваквиот зафат изгледа лесно, но условите за нуркање под вода во овој период се мошне специфични оттаму што температурата на водата изнесува некаде до девет степени Целзиусови, што секако е тест за формата, за која можам да кажам дека ја поседуваме со секојдневните тренинзи и нукрања, рече Секуловски.

Нукрачите секој ден ќе нуркаат приближно по еден километар, ќе го маркираат местото кое е поминато, за следниот ден да се продолжи од истото место. Нуркањето ќе се одвива крајбрежно во насока кон Струга, потоа преку Радожда кон Албанија, појасни тој притоа нагласувајќи дека за потфатот преку спонзори е обезбеден врвна нуркачка опрема.

Нуркањето на делот од езерото од албанска страна ќе се реализира со албанските колеги, предводени од професионалниот нуркач Енрих Мато.

Инаку, се смета дека постојат повеќе локации на албанската страна од езерото што можеби би биле интереси оттаму што воопшто досега не се испитувани.

За се да мине во најдобар ред ќе се грижи и посебна медицинска екипа предводена од доктор Горан Балески, и самиот нуркач од клубот „Амфора“, кој истовремено е задолжен и за хипербаричната комора што функционира во рамки на клубот.

– Не очекуваме некакви проблеми оттаму што нуркачите се во топ-форма, но сепак се работи за големи оптоварувања за организмот, секојдневно нуркање проследено со максимална сатурација на организмот посебно со азот…Затоа и комората е подготвена за секоја евентуала ситуација, изјави Балески.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.