Следи нѐ
To Top

ФОТОГАЛЕРИЈА: Македонија лидер на 48-часовниот предизвик на НАСА

Дали некогаш сте замислувале дека ја имате можноста барем на еден ден да работите за НАСА? Овој сон стана јаве за преку 260 учесници ширум Македонија, кои изминатите два дена учествуваат во глобалниот натпревар на НАСА, Спејс Апс Челинџ, организиран од страна на New Man’s Business акселераторот во Македонија.

Младите иноватори имаат период од 48 часа да ја покажат својата креативност и способност да работат на најголемите предизвици кои ги постави НАСА. Поради успехот на натпреварот минатата година, градот Скопје и New Man’s Business Accelerator оваа година се избрани за регионален лидер, од каде се координира натпреварот во повеќе градови на Балканот, но и ширум Европа.

реклама

– „Минатогодишното второ место кое го освои Македонија на глобално ниво, но и големиот број на успешни проекти кои го надминаа дури и бројот на изработени проекти во Њујорк, беа едни од главните причини оваа година градот Скопје да биде избран за координатор на 10 локации ширум Европа, меѓу кои Белград, Загреб, Виена и Љубљана.“ – објаснува Анита Кирковска, локален лидер на натпреварот на НАСА во Македонија.

11082370_808880722538038_5231069764192766041_o

Освен што Македонија претставува лидер во регионот, нашата земја има и свој претставник на централното одбележување на натпреварот во Америка, каде присуствува организаторот на натпреварот во Македонија, Ирена Чаушевска.

– „Исто така, поради успешноста на Македонија во овој натпревар, лидерот од Скопје, Ирена Чаушевска оваа година е поканета да оди директно во Њујорк на главниот настан на Наса Спејс Апс Челинџот каде е повикана како ментор поради успешноста од минатата година, и во текот на ноќта очекуваме директно да се вклучи од центарот на акцијата и да ги пренесе сите информации за случувањата од таму“ – дополнува Кирковска.

kirkovska

НАСА е во контакт со сите локации каде се организира овој натпревар, меѓу кои и градовите во Македонија. Освен што испраќаат насоки за координирање на натпреварот, тие овозможуваат и пристап до ограничен број на бази на податоци кои учесниците имаат можност да ги користат за време на натпреварувањето. Очекувањата на НАСА од овој натпревар се дека младите креативци ќе успеат да дадат решение на глобалните проблеми.

1899762_808888262537284_3465470988173248136_o

Тимовите коишто ќе победат во секоја од локациите ќе се натпреваруваат на глобално ниво, а оној тим кој ќе победи на глобално ниво ќе има можност да присуствува на лансирање ракета од седиштето на НАСА.

ПРЕЗЕНТИРАЊЕ НА КАПАЦИТЕТОТ НА МАКЕДОНСКАТА МЛАДИНА НА ГЛОБАЛНО НИВО

Минатата година тим од Македонија го освои второто место за најдобар проект на глобално ниво на овој престижен глобален натпревар, што дополнително го потврдува капацитетот и способноста на македонската младина и е уште еден доказ дека нашата земја има развоено информатичко општество и постојано работи на продуцирање на млади кадри.

– „ Дефинитивно ова е одлична промоција на Македонија на глобално ниво, не само поради фактот дека се истакнуваме со успешноста на проектите меѓу сите земји кои учествуваат ширум светот, туку и поради можноста на промовирањето на младиот кадар кој нашата земја го продуцира, посебно во областа на информатичкото опшество“ – објаснува Јован Андонов, дел од тимот кој минатата година освои второ место на глобалниот натпревар на НАСА.

andonov

Учесниците овој натпревар го гледаат како можност на свое идно вработување во НАСА, покажувајќи ги своите најдобри способности.

– „Искрено мислам дека и самата помисла дека во моментов работиме на предизвици зададени од најголемата вселенска агенција буди голема мотивација помеѓу натпреварувачите. Сигурен сум дека на сите кои денеска се дел од натпреварот работа од соништата би им била да работат во НАСА и сум уверен дека ова е едно големо искуство за сите нас!“ – изјави Андонов.

ОД РЕШЕНИЕ НА ГЛОБАЛНОТО ГЛАДУВАЊЕ ДО ПОМАГАЊЕ НА АСТРОНАУТИТЕ ВО ВСЕЛЕНАТА

Натпреварувањето во Скопје се одвива во просториите на Иновативниот центар на Телеком, каде повеќе од 100 младинци поделени во повеќе тимови работат на различни проекти изминатите 48 часа.

Еден од тие тимови има за цел да смисли иновативно решение преку кое ќе помогне распределување на храна низ целата планета, така што секоја земја ќе добие храна колку што е потребно, а во исто време ќе се настојува да се намали, односно да се искорени светскиот глад.

– „Целта ни е да е овозможиме секоја земја еднакво да ги распредели своите ресурси и да се намали до минимум непотребното фрлање на храна и вода, односно таму каде што се произведува повеќе храна, таа да не се фрла, туку да се распредели во земјите каде има недостиг на храна.“ – изјави Викторија Николовска од тимот „Food Direction“.

viktorija

НАСА на овој тим им има овозможено специјален пристап до посебни бази на податоци каде можат да најдат различни информации за количината на производство на храна ширум светот, нејзината цена и многу други податоци кои овој тим треба да ги искористи за успешно да го реши предизвикот.

Тие се мотивирани од хуманиот карактер на нивниот предизвик, но исто така и од шансата да го покажат своето знаење на НАСА.

– „Минатата година бев дел од организацијата на настанот, и на поинаков начин ги доживеав тие 48 часа на работа. Оваа година сакав да видам како е да се биде од другата страна на настанот и какво е чувството во 48 часа да го употребам моето знаење и да одговорам на предизвикот кој ми го зададе НАСА“ – дополни Доне Миладинов.

tim1

Друг тим, пак, има за цел да им помогне на астронаутите во нивните мисии, со тоа што треба да изработат роботски помошник во интернационалната спејс станица.

Според предизвикот, роботскиот помошник треба да биде способен да помине одредена патека со пречки, а во исто време да го искористи сонцето за генерирање на енергија.

– „Ова е еден од најспецифичните предизвици, затоа што е потребно да се постават различни сензори на нашиот роботски помошник за да може да патува по сигурниот пат. Роботот што го изработуваме ќе служи како десна рака на астронаутите, со цел да се намалат нивните обврски во пребарување на опасностите, туку роботот преку својот лет да ги открие сите можни проблеми.“ – изјави Филип Макрадули од тимот „Sensor Yourself“.

makraduli

Од тимот велат дека е напорно да се работи за НАСА, посебно во краток временски период од 48 часа, но тие уживаат во тоа што го работат.

 

Вечерва во 10 часот изминуваат 48 часа кои им беа дадени на натпреварувачите со цел да ги подготват нивните проекти. Во текот на утрешниот ден истите ќе бидат презентирани пред стручната комисија и менторите, и потоа со гласање ќе се одберат најдобрите проекти од сите локации кои градот Скопје ги има во својата агенда и истите ќе бидат испратени на натпреварување на глобално ниво.

Целосната фотогалерија од денешната репортажа на Популарно.мк можете да ја погледнете на следниот линк.

malo dete

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.