Следи нѐ
To Top

Над 60 филмови на 18. Скопски филмски фестивал

Над 60 филмови и придружни настани ќе понуди 18. Скопски филмски фестивал кој ќе се одржува од утре до 24 април во „Милениум“, „Фросина“ и во Кинотеката на Македонија. Фестивалот утревечер ќе го отвори премиерата на филмот „Медена ноќ“ во режија на Иво Трајков, копродукција на Македонија, Чешка и Словенија.

– Се потрудивме да донесеме филмови кои беа актуелни мината година во Европа и светот, да донесеме гости, да направиме повеќе работилници и мастер-класи, а голема чест ни е што фестивалот годинава ќе го отвориме со нов македонски филм – „Медена ноќ“ на Иво Трајков. Годинава нудиме повеќе од 60 филмови распоредени во десет програми – главна програма, програма на авторски филм, нововодената програма на хорор филмови и традиционалните програми на кратки играни и анимирани филмови,  програма на светски филм и студентска програма, како и почесна програма посветена на нашиот главен и многу значаен гостин – иранскиот режисер Мохсен Макмалбаф, рече на прес-конференција Сунчица Уневска, селектор на филмовите во главмата програма.

реклама

Нагласи дека се горди од годинашната главна програма, во која ќе биде прикажан победникот во Берлин – филмот „Такси“ на иранскиот режисер Џафар Панахи, кој се уште одбележува  20-годишна затворска казна.

– Носиме уште три наградени филма од Берлин, мексиканското деби на Габриел Рипштајн во чиј филм „600 милји“ игра Тим Рот, потоа полскиот „Тело“ на Малгоржата Шумовска, кој ја доби „Сребрената мечка“ за режија, како и германското деби „Викторија“ на Себастијан Шипер, кој доби награда за уметнички придонес во поглед на употребата на камерата. Од Берлин ни доаѓа и германско-австралискиот филм „Еликсир“ посветен на бунтовните уметници, во кој игра македонската актерка Наташа Петровиќ, рече Уневска.

Во оваа програма е и израелскиот „Судењето на Вивијан Амсалем“, потоа „Возвишен“ на Клаудија Љоса и филмот „Турист“ на Рубен Остлунд. – Од Кан ни доаѓа најубавиот филм од минатата година, „Тимбукту“ на Абдераман Сисако кој донесе вистинска поезија на екранот, рече селекторката на главната програма.

Од Програмата на светски филм таа ги издвои францускиот трилер на Андре Тешине „Човекот што премногу љубеше“, унгарскиот „Белиот бог“ на Корнел Мундрузо и данскиот „Тивко срце“ на Били Август. Во програмата на авторски филм се и новиот филм на Абел Ферара, Гај Маден, Џесика Хауснер, како и „Диви приказни“ на Дамијан Шифрон.

Премиерно ќе бидат прикажани и три филма од регионот кои се направени во копродукција со Македонија – бугарскиот „Пресуда“ на Стефан Командарев, во кој игра Мики Манојловиќ, потоа словенечкиот „Инферно“ на Винко Модерндорфер – двете се социјални приказни. Третиот е хрватскиот „Такви се правилата“ на Огњен Свиличиќ, во кој копродуцент е Светозар Ристовски. Режисерот Свиличиќ е и гостин на фестивалот и ќе одржи работилница насловена „Патувањето на херојот“.

Специјалниот гостин на фестивалот – иранскиот режисер Мохсен Макмалбаф, пак, ќе одржи мастер-клас и ќе биде прикажан неговиот филм „Претседателот“.  Макмалбаф е основоположник на новиот бран во иранската кинематографија и еден од највлијателните современи светски филмски режисери, кој од 2005 живее во прогонство. Неговиот филм „Кандахар“ според изборот на магазинот „Тајмс“ е еден од 100-те најдобри во историјата на филмот.

„Медена ноќ“ на Иво Трајков, со кој утревечер ќе почне 18-тиот СФФ, е снимен во целост во Скопје, во 2013 година, со Верица Недеска и Никола Ристановски во главните улоги. На премиерата утре ќе присуствува целата екипа, а ден по проекцијата, в сабота, СФФ ќе организира прес-конференција.

Роберт Јазаџиски од продукцијата „Кавал филм“ информираше дека сценариото е инспирирано од новелата „Уво“ на Јан Прохаска од 1960-тите, кој се смета за еден од најдобрите сценаристи на чешката кинематографија. Сценариото е адаптирано за 90-тите години од минатиот век.

По премиерата утре, филмот ќе биде редовно на репертоарот на „Милениум“ од 25 април, по завршувањето на СФФ.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Промо

error: Содржината е заштитена со авторски права.