Следи нѐ
To Top

Одбележување на Денот на планетата Земја

Со чистење зелени површини, засадување дрвца, запознавање со минерали и кристали и еко-конференција денеска се одбележува Денот на планетата Земја – 22 Април.

Во Народната канцеларија на Председателот на Република Македонија во Скопје ќе има запознавање со минерали и кристали од светот и од Република Македонија, меѓу кои и македонскиот рубин. Еден од организаторите на настанот Дејан Шкартов, кој е промотор на македонскиот рубин, смета дека презентацијата ќе овозможи нов пристап кон сознанието колку природните минерали се присутни во нашиот секојдневен живот, без да бидеме свесни за тоа.

реклама

– Првата асоцијација на темата „Планета Земја“ или „Природа“ најчесто е прекрасен пејсаж, или некаков приказ на богатството на појавни форми од растителниот или од животинскиот свет. Но, сепак, постои еден свет, кој е уште побогат со форми, бои, хемиски елементи и нивни комбинации, но кој е и најмалку познат – скриениот, волшебен свет на природните минерали и кристали, вели Шкартов.

Во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“, а во соработка со Младинската eколошка организација Гоу Грин и Амбасадата на Франција во Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се одржи младинска конференција на тема „Можности за младите во време на климатски промени и енергетска транзиција“.

На конференцијата ќе биде промовирана публикација на истата тема, која е инспирирана од документот за зелена економија објавен од Европската комисија. Документот ја опфаќа потребата од 3 милиони работни места кои треба да се отворат во секторот на обновливи извори на енергија до 2020 година. Публикацијата дава приказ за тоа како енергетската трансформација од фосилни горива до обновлива енергија создава потреба за нови генерации на млади стручни кадри кои успешно ќе го забрзаат процесот.

Целта на конференцијата е да се развие свест кај младите за енергетската состојба на земјите од Западен Балкан и да се разбере позицијата на младите и нивните потреби за вработување.

По повод Денот на планетата Земја организациониот одбор на млади на Амбасадата на САД во Македонија и децата од ОУ „Исмаил Ќемали“ ќе го чистат училишниот двор и ќе садат дрвца. Градот Скопје, општина Гази Баба и Факултетот за земјоделски науки и храна ќе ги уредуваат пешачките и зелените патеки долж булеварот „Александар Македонски“, а во градинката „Калникна“ во населбата Железара ќе се одржи велосипедска трка под мотото „Бидете чувари и пријатели н апланетата земја, заедно сме посилни“.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

error: Содржината е заштитена со авторски права.