Следи нѐ
To Top

Директорот на УБК Сашо Мијалков поднесе оставка

Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков поднесе оставка од функцијата. За одлуката Мијалков писмено го известил премиерот Никола Груевски.

Мијалков во оставката истакнува дека продолжува да дејствува согласно своите принципи и убедувања. – Секогаш ќе бидам тука за Македонија и за нашиот народ, вели Мијалков.

реклама

– Почитуван Премиер,

Најголема чест во животот е да служиш на својата татковина Македонија на одговорна позиција.

Позицијата што ми беше доверена ја извршував патриотски и одговорно, пред се во интерес на земјата и граѓаните, и секогаш смело и одлучно пристапував кон секоја задача.

Граѓаните најдобро знаат дека Македонија има бројни успеси во полето на кое дејствував. Дел од тие успеси беа и вистински мит во разговорите меѓу граѓаните, и ги говореа со гордост

Сакам да ја истакнам мојата огромна благодарност за довербата и што ми овозможивте да бидам дел од тимот, кој носи напредок за нашата држава и кој ги брани националните и државни интереси. Вие ја имате мојата полна поддршка. Во интерес на Македонија, гледајќи дека доколку го направам ова ќе помогнам во надминување на политичката криза, која ја наметна опозицијата со своето недржавничко однесување, а свесен дека вистината и аргументите се на наша страна и дека сето тоа со тек на време ќе станува уште појасно, сакам да информирам дека поднесувам оставка на позицијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Со пиетет им благодарам на сите припадници на безбедносните сили на Република Македонија, со кои работев сиот овој изминат период и до сите други институции за целиот нивен ангажман, посветеност, храброст и сила. Тие се нашата главна поткрепа, тие се нашата гордост и Македонија може да смета на нив.

Продолжувам да дејствувам согласно своите принципи и убедувања и секогаш ќе бидам тука за Македонија и за нашиот народ. Познавајќи ја мудроста на нашиот народ, убеден сум и знам дека вистината ќе победи, предизвиците ќе бидат надминати, а Македонија и понатаму ќе продолжи да чекори напред со тимот кој никогаш не го изневерил народот. Голема благодарност до граѓаните на Македонија, кои денеска искажаа огромна поддршка за полициските сили, таа поддршка значи многу, мотивира и е во вистински момент, и сакам на крај на овој мој допис да истакнам дека, секогаш ќе бидам во првите борбени редови кога тоа ќе биде потребно за татковината, стои во оставката на Сашо Мијалков до премиерот Никола Груевски.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.