Следи нѐ
To Top

Десетици илјади граѓани на народниот собир на ВМРО-ДПМНЕ

Насловната фотографија е преземена од МИА

Десетици илјади граѓани вечерва се придружија на народниот собир на ВМРО-ДПМНЕ пред Собранието на Република Македонија.

реклама

Три и пол месеци сме под жесток напад за кој молчевме и чекаме да помине. Тоа што се случува е диктатура на политичкото малцинство и наметната психолошка состојба. Исправени сме пред искушение да се судриме меѓу себе. Но доста беше. Македонија е време да говори и вечерва сум должен да ја кажам вистината, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вечерва на народниот собир пред Собранието на РМ насловен „Македонија силна“.

– Но, Македонија не е Никола Груевски или Зоран Заев. Ова е Македонија. Овој народ, вие, е најдобриот одговор на сите оние сценаристи кои цврсто веруваат дека ќе не искршат, дека ќе ни ги исперат мозоците, дека ќе не прелажат со креирани, сечени и лепени снимки, со лажни наративи, дека ќе не исплашат со терористички банди, дека ќе потклекнеме, дека ќе се предадеме. Но, вечерва го добиваат одговорот. Македонија не се предава. Македонија е силна, рече Груевски.

ФОТОГАЛЕРИЈА: МИА

This slideshow requires JavaScript.

За својот опонент Заев рече дека наивно поверувал и говорел дека за три дена ќе заминале со наведнати глави. – Еве не денес, три и пол месеци подоцна, тројно или четирипати побројно од тие вчера. Сплотени како никогаш досега, цврсти како челик, одлучни и решителни до бескрај. Им порачуваме нема повлекување. Нема подлегнување, нема предавање. Македонија е одлучна. Македонија пак победува. Ние победуваме, рече Груевски.

Со својот говор рече сака да им оддаде громогласна почит на загинатите и повредените полицајци во Куманово и истакна дека нивното херојство е пример за тоа како се сака Македонија.

Собирот почна со читање декларација на Парламентарното собрание на Советот на Европа во која се осудува случајот „Пуч“ и обидот за насилно преземање власт и нелегалното прислушување, како и писма-изјави за поддршка на Владата од политичари и партии во Европа, меѓу кои и на Жозеф Дол, претседател на Европската народна партија.

– Демократија ли е ако на секој неистомисленик му упатуваш закана со објавување на снимени и креирани телефонски разговори, стекнати на незаконски и на криминален начин. Демократија ли е ако пет часа со што ќе стигнеш ја тепаш сопствената полиција и 38 полицајци се хоспитализирани. Го симнуваш и го кинеш знамето на Република Македонија само со цел да извршиш насилен преврат, такви демократи не и требаат на Македонија… Тие луѓе ја бараат мојата оставка. Тие всушност бараат да им ја оставиме Македонија ним и во нивни раце и во нивно управување без народна волја. Овој народ вечерва, оваа масовност, оваа енергија, оваа сила е најдобриот одговор за нив, додаде Груевски за опозицијата на Заев, за која рече дека е безидејна, без проекти и дела и без решенија за проблемите на граѓаните.

Според Груевски, несериозно е тврдењето на Заев дека ќе донел странски инвеститори, а домашните ќе имаат примат затоа што не донел ниту еден странски инвеститор во Струмица во кој 10 години е градоначалник, а на домашните инвеститори, додаде Груевски,  им бара мито и ги рекетира.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

error: Содржината е заштитена со авторски права.