Следи нѐ
To Top

ФОТО: Премиерот Груевски се сретна со папата Франциск

Премиерот Никола Груевски денеска заедно со владината делегација во чиј состав е министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерката за култура Елизбета Канческа Милевска, во Ватикан, остварија средба со поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск.

На средбата присуствуваше и црковна делегација составена од поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г.Стефан, владиката  епископ Хераклејски, г. Климент и митрополитот на Европската епархија г. Пимен.

реклама

Средбата се одржува по повод чествувањето на Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј и одбележувањето на нивната просветителска, општествена и културна дејност.

На средбата премиерот Груевски и папата Франциск ги потврдија одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Светата Столица кои се воспоставени веќе 21 година, исполнети со разбирање, поддршка и споделување на блиски историски, културни и верски вредности кои ја промовираат меѓурелигиската соработка.

Премиерот Груевски го запозна папата Франциск со повеќе области и прашања важни за Република Македонија како и со нејзините стратешки интереси за членство во НАТО и ЕУ и напорите за нејзино побрзо интегрирање. Тој ја истакна важноста за Република Македонија од поддршката која ја добива од Ватикан за остварување на стратешките интереси на државата како и развојот на културните врски и  меѓурелигиските односи.

Премиерот Груевски упати покана за посета на поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск што би претставувало значаен чекор за дополнително зајакнување и интензвирање на заедничките пријателски односи.

При посетата претседателот на македонската Влада на папата Франциск му подари ракотворба во резба. Специфичноста на ракотворбата е во тоа што е изработена од ситна резба, и претставува ненадминато копаничарско дело препознатливо за Република Македонија.

Премиерот Груевски со владината делегација оствари и средба со државниот секретар на Ватикан кардиналот Пиетро Паролин. На средбата беше изразена подготвеност за понатамошно унапредување на односите преку активна соработка во повеќе области како што е културата и образованието преку потпишување на взаемни договори за повеќе прашања и теми.

Во попладневните часови во Рим, Република Италија ќе се одржи и манифестацијата “Македонија во чест на Свети Кирил“.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.