Следи нѐ
To Top

Бан Ки-мун го прогласи Македонецот Даниел Михајловски за еден од идните светски млади лидери

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун синоќа на свеченост во Брисел го круниса Македонецот Даниел Михајловски како еден од идните 14-те светски млади лидери, јави дописникот на МИА од Брисел.

Михајловски, како претставник на СОС Детско село од Македонија, е еден од 14-те идни млади лидери во светот според изборот на Обединетите нации и Европската комисија, кои заедно го организираа овој избор на претставници на различни земји и националности ширум светот.

реклама

Говорејќи за еманципацијата, образованието и вработувањето на младите лица, Михајловски во својот настап пред еминентните претставници на ОН и на ЕУ посочи дека неговата генерација е една од најуобразованите во историјата, но дека се работи за генерација која најтешко може да најде пристојна работа.

– Многу млади луѓе бараат работа во развиените европски земји и во мојата Македонија. Македонската Влада нуди можности и програми за вработување, но за жал истите не се користат соодветно, посочи Даниел Михајловски во говорот пред Бан и другите европски и светски лидери.

Генералниот секретар на ОН посочи дека младите се нашиот свет, достоинство и иднина и оти избраните 14 идни светски млади лидери, меѓу кои и Македонецот Михајловски, се надеж за една посветла иднина на планетата.

Дваесет и тригодишниот Михајловски уште како дете е рано останат без родители и е израснат во СОС Детско село. Тој е дипломиран економист и работи како архивар во Министерството за финансии на Република Македонија.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.