Следи нѐ
To Top

Во Мариово викендов рекреативен велосипедизам и културни средби

Во Мариово од денеска до 31 мај по четврти пат ќе се одржи велосипедскиот и рекреативен фестивал „Mariovo off road experience“, а на 31 мај, в недела, во манастирот „Свети Илија“ во прилепско Мариово по 31. пат ќе се одржат „Мариовско – мегленските културни средби“.

Организатори на овие манифестации се Општина Прилеп и Здружението „Мариовско-мегленски културни средби“.

реклама

Мариово е дел од агендата на Здружението „Вело Европа“ од Скопје кое ја организира четвртата по ред тура на велосипетски рекреативни трки низ Мариово.

– Програмата на фестивалот „Mariovo off road experience“ ќе започне денеска кога се планирани и изложби, презентација на кратки филмови за outdoor спортови, и забава со ДЈ и бендови за младите, рече на прес-конференција Слободан Трајковски, претседател на Здружение за унапредување на велосипедизмот „Вело Европа“ од Скопје.

Оваа година се планира да има четири спортски дисциплини на фестивалот и тоа планинското трчање, планинарење, аеробик и планински велосипедизам.

Во 9 часот во недела се започнува со планинското трчање и планинарење, а во 10 часот започнуваат трите велосипедски тури од кои едната ќе биде за друмски, а другите две за планински велосипедизам.

– Подолгата планинска тура ги посетува селата Манастир, од каде и се тргнува, потоа селата Бешиште, Градешница, Старавина и Зовиќ и завршува повторно во селото Манастир. А помалата тура ги посетува селата Манастир, Полчиште, Бешиште, Мелница, Витолиште и завршува во манастирот Свети Илија. Големата тура е долга 50 километри, а малата 38 километри. Досега се пријавени над 700 учесници од цела Македонија, но и од балканските држави, рече Трајковски.

Фестивалот се одржува од 2010 година, а Мариово нуди одлични можности.

Во Македонија годинава се организираат 12 вакви фестивали, но на секој од нив има само по максимум 250 учесници, а Мариово е лидер со 700 пријавени учесници.

– Со овие традиционални средби се негува фолклорното и културното наследство на регионите. Целта и значењето на средбите е зближување на населението од двата региона – Мариово и Меглен, средба на луѓето кои се иселиле од регионот, како и остварување културна размена во пошироки рамки, рече Снежана Ристеска, советник за култура во локалната самоуправа.

На Мариовско-мегленските културни средби в недела ќе учествуваат: Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Битола, фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ од Кавадарци, КУД „Моминок“ и пејачката група „Пенка Котеска“ од Прилеп. Друштвото на писателите на Македонија на претходно објавен конкурс се јавија со свои творби на тема Мариово. Сите учесници, некогашни и сегашни жители на Мариово ќе бидат на заедничка маса во манастирот „Свети Илија“ кај Витолиште да се потсетат на својот роден крај.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Останато

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.