Следи нѐ
To Top

ФОТОГАЛЕРИЈА: Бројни пријатели, колеги и музичари на четвртиот роденден на „Стисни плеј“

Во присуство на бројни пријатели, колеги, соработници, изведувачи, автори и музички творци, единствената музичка емисија во домашниот телевизиски етер „Стисни Плеј“ вчеравечер одбележа четири години успешна работа.

Големата роденденска забава се одржа во Пивница „Стар Град“, а за присутните гости настапија џез составот Fierce, новиот состав MusaiQ, како и резидент изведувачот Филип Јордановски со неговиот состав.

реклама

Посебно изненадување на роденденската забава предизвика присуството на Дурексмен и неговите придружнички, кои што поделија корисни подароци за гостите.

Ѓоко Танески, Роберт Билбилов, Виктор Апостоловски, Јана Бурчевска, Сара Мејс, Александар Тарабунов, Симона Поповска, Ај Кју, Вера и Оливер од Љубојна, Влатко Илиевски беа само дел од присутните гости кои што на водителите Александра и Марко им посакаа уште многу успешни емисии.

– „Кога минатата година решивме за првпат да го прославиме роденденот надвор од круговите на нашата екипа имавме една единствена цел, повторно да ја собереме естрадата на едно место, да го мотивираме дружењето и позитивната енергија, да покажеме дека сите сме на една страна и работиме за добрата атмосфера во македонската музичка сцена. Тоа што го постигнавме со оваа забава не остави без сон, преполни со емоции коишто се уште ги средуваме. Веселите лица на присутните, бројните пофални зборови од нашите гости и сите упатени честитки за она што го правиме од оние коишто беа спречени да присуствуваат нè направија бескрајно среќни и горди“, велат Александра и Марко.

– „Четири години во телевизискиот етер за нас се доволен доказ да кажеме дека сме успеале да создадеме квалитетен телевизиски производ, којшто растеше и се развиваше во континуитет. Оваа емисија повеќе не е само резултат на нашата желба, туку и одговорност да ја промовираме македонската музика во период кога ретко кој го прави тоа. Благодарни сме на сите македонски изведувачи, автори, музички творци кои ја сметаат „Стисни Плеј“ за своја емисија и безрезервно ја прифаќаат секоја наша покана да учествуваат во неа“, изјави на забавата Александра Јовановска, уредник и водител на „Стисни Плеј“ .

– „Во тек е петтата сезона на „Стисни Плеј“ и со севкупниот визуелен и содржински пакет сметаме дека во моментов за публиката ја имаме нашата најдобра верзија. Имаме млада и повозрасна публика и тоа нè прави навистина среќни, бидејќи наша целна група се сите оние љубители на квалитетна македонска музика. И благодариме на публиката која ни остана верна, а пред се на одговорните во МРТ од кои ја добивме довербата и поддршката за еден ваков проект. Им благодариме на колегите новинари коишто први го препознаа нашиот квалитет“, вели Марко Марк, водител и соработник на проектот.

Првото издание на „Стисни Плеј“ се емитуваше на 10 ноември 2011-та година, а оттогаш се реализирани 167 изданија.

Следното 168 ќе биде посветено на четвртиот роденден на „Стисни Плеј“ кој се случи на 1 декември во пивница Стар Град.

Стисни Плеј премиерно се емитува секој петок со почеток во 20.15 минути, на првиот канал на јавниот сервис.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.