Следи нѐ
To Top

ИНТЕРВЈУ СО FLY PROJECT: „Македонија, се гледаме на Пивофест во Прилеп!“ (ВИДЕО)

Сѐ е подготвено за Пивофест!

Остануваат помалку од две недели до стартот на 14. издание на Фестивалот на пивото во Прилеп кое оваа година се очекува да ги сруши минатогодишните рекорди на испиено пиво и изедена скара, но и на посетеност.

реклама

Организаторите и годинава најавуваат одлична забава со македонското девојче Каролина Гочева, Crossroad Blues Band, познатата ска – панк група од Белград „Самостални референти”, Raphael, Тропико Бенд, Рада Манојловиќ, Хари Мата Хари, Александра Радовиќ, Миле Кузмановски, Bang La Decks, Дејан Петровиќ, Парни Ваљак, но и светски познатите FLY PROJECT кои за првпат доаѓаат во Македонија.

Токму поради оваа причина екипата на Популарно.мк направи ексклузивно интервју со нив, а што нѝ споделија ќе прочитате во продолжение.

Ексклузивно за нашиот интернет портал, тие испратија видео порака со која ве поздравуваат вас, нашите верни читатели, и ве покануваат на голема забава во Прилеп!

FLY PROJECT е романско денс дуо кое го сочинуваат двајца артисти, Тудор Јонеску и Дан Денес, кои дебитираат во далечната 2005 година со песната „Raisa“, а веќе денес, 11 години подоцна, се едни од најпознатите Романци со повеќе од 2.000 настапи во живо и преку 200.000.000 прегледи на онлајн платформата Јутјуб.

– „Нѐ вративте во минатото (се смее). Да, ние работиме уште од 15 години и никогаш нема да заборавам како заедно се трудевме да се пробиеме на романската сцена. Работите започнаа да се одвиваат едно по друго, песна по песна, хит по хит. Се започна со песната „Raisa“ која веднаш стана голем хит во Романија и всушност на тој начин и музиката се случи во нашите животи. И навистина сме среќни и фасцинирани колку многу постигнавме после тоа, ниту ние не знаевме дека сме достигнале 200 милиони прегледи на Јутјуб (се смее). За нас тоа е инспирација, напорна работа и добра среќа, и така и продолжуваме.“ – вели Тудор Јонеску.

IMG_5836

Повеќе за нивните успеси и награди нѝ ветија дека ќе зборуваме кога ќе дојдат во Македонија, но ги прашавме, зошто досега не ја посетиле нашата земја и зошто токму на Пивофест.

– „Ете, и ние не знаеме зошто досега не сме ја посетиле Македонија, иако многу ги сакаме Македонците, посебно Македонките (се смее). Знаеме дека нашата музика е многу слушана во вашата земја, дури и често комуницираме со македонските фанови преку социјалните мрежи. За нас е секогаш предизвик да настапуваме во нова земја, и со нетрпение го очекуваме настапот во Прилеп!“ – додава Дан, во телефонското интервју за Популарно.мк.

Инаку, организаторите од Општина Прилеп оваа година најавија рекордни 350.000 посетители во текот на четирите фестивалски дена, а тоа е причина плус FLY PROJECT да ја донесат нивната забава и во Македонија.

– „Ајде да се договориме, вие ќе донесете многу ладно пиво и убави девојки, а ние ветуваме дека ќе ја донесеме најдобрата музика и заедно ќе ја направиме најголемата и најжешка забава на Балканот! Во Романија сме познати како бенд кој секогаш е тука да ја „загрее“ атмосферата и сме сигурни дека тоа ќе го направиме и во Прилеп.

Forza_ZU_Sibiu_(088)

Тие ни кажаа дека се обожаватели на ладното пиво кое, како што кажаа, одлично ќе дојде на лудата атмосфера која ја подготвуваат за настапот на Пивофест.

– „Очекувајте голема „Тоca Toca“ забава во Македонија и се гледаме на Пивофест“ – велат тие.

Екипата на Популарно.мк ексклузивно ќе се дружи со FLY PROJECT и во Прилеп, а во продолжение слушнете го нивниот најголем хит, „Toca Toca“!

Инаку, оваа позната светска група настапува на првата фестивалска вечер, на 14 јули, а нивниот настап се очекува да започне околу 00.00 часот.

Се гледаме во Прилеп!

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Интервју

error: Содржината е заштитена со авторски права.