Следи нѐ
To Top

Вечерва почнува 14. издание на „Пивофест“

Прилеп e комплетно подготвен за вечерашното отворање на годинашниов 14. Пивофест, што ќе се одржува до недела.

Според Бранко Нешкоски, директор на Јавното претпријатие за урбанистичко планирање, се е подготвено, а штандовите се наместени.

реклама

„На 20.000 метри квадратни на булеварот во центарот на Прилеп се поставени штандовите. Целата електрична, водоводна и одводна инсталација е поврзана, комуналната хигиена е на високо ниво, а така ќе биде сите фестивалски дена. Сместувачките капацитети се полни, викендот ќе има и бесплатни линии со воз, а градот се погрижи да има и атракции како Пивски воз, пивски велосипед за туристите кои сакаат на поинаков начин да го доживеат фестивалот, а хостесите-баварки се тука да одговорат на секое прашање на гостите кои ги очекуваме илјадници од земјава и од странство“, рече Нешкоски.

Според организаторите – локалната власт, на фестивалот се присутни сите големи пиварници. Ќе се пијат околу 40 видови пиво, вкусна скара и ќе гостуваат познати музички домашни и балкански ѕвезди.

„Очекуваме голема забава сите четири дена. Се е полно, има гости веќе и од Јапонија и музички групи кои и првпат се на Фестивалот“, рече Жаре Димитриоски, еден од водителите на програмата. Главната бина поставена во центарот на градот.

Официјалниот почеток на Пивофест е во 20:30 часот. Вечерва ќе настапат групите Crossroad blues band, Raphael, Tropico band и Fly project.

Ќе настапат и Каролина Гочева и Миле Кузманоски, в сабота Аца Лукас, а во недела „Парни ваљак“.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.