Следи нѐ
To Top

Д ФЕСТИВАЛ ПО ШЕСТИ ПАТ: Незаборавен старт на фестивалот во Дојран

Шестото издание на единствениот open-air музички фестивал кај нас, Д ФЕСТИВАЛ во Дојран синоќа беше официјално отворено и тоа во извонредна и позитивна атмосфера која ја приредија илјадниците посетители и придонесоа оваа вечер да ја запаметиме како една од најпосетените на фестивалот досега.

Фестивалскиот камп на Д ФЕСТИВАЛ почна да се исполнува уште во четвртокот, ден пред старт на фестивалот, а токму тука беа и првите активности од годинашната програма на возбудливиот фестивалски викенд кој се одржува до 17 јули во Дојран.

Вчерашниот ден во кампот помина во знакот на отворањето на ПлоштАРТ и креативната зона каде што се одвиваат бројните изложби, работилници, проекции, натпревари, дебати и перформанси, а за кои се задолжени повеќе 100 гости учесници во овој дел од програмата на Д ФЕСТИВАЛ.

unnamed (2)

Додека дел од фестивалските кампери се запознаваа со активностите кои ќе ги очекуваат во наредните дена на Д ФЕСТИВАЛ, со настапот на ЕЛЕНА ХРИСТОВА во магичниот амбиент на Church Stage започна тридневниот музички маратон во чии рамки нѐ очекуваат концерти на повеќе од 60 изведувачи, на вкупно пет фестивалски бини.

Фестивалот свечено беше прогласен за отворен за време на вечерната програма на главната бина и тоа од страна на специјалниот гостин на Д ФЕСТИВАЛ Александар Матовски – Цако, кој ја поздрави публиката од главната бина, пред истата да ја преземат музичките ѕвезди на вечерта ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ! Доволен беше само воведниот такт од настапот на Дубиоза Колектив за да настане вистинска еуфорија на подиумот пред главната бина.

Но возбудувањето оваа вечер започна уште со претходните исклучително енергични настапи на гостите од Велика Британија, легендарните DUB PISTOLS и TOY DOLLS, како и претставниците на домашната сцена SETHSTAT со Мирко Попов и Hypnotized.

Иако се чинеше дека извонредната атмосфера веќе го достигна својот максимум, во завршницата на вечерта таа кулминираше дополнително кога зад диџеј пултот се појави еден од хедлајнерите на Д ФЕСТИВАЛ, Греми наградуваниот „DJ’s DJ“ РОЏЕР САНЧЕЗ и целосно го освои подиумот на главната бина со неговиот сет кој траеше до зазорување.

За сето тоа време, на само неколку чекори од главната бина паралелно се одвиваа настапите на новото фестивалско изненадување – LAKE AWAKE бината посветена на електронската музика, со која пак музичката програма на Д ФЕСТИВАЛ трае сѐ до утро и 72 часа без престан. Саботното утро на оваа бина го дочекавме со настапите на диџеите на ТЕЧНА КУЈНА и D2 колективите, кои беа задолжени за програмата на првата фестивалска вечер. Оттука, официјалната завршница на фестивалскиот ден повторно како и лани беше омилената бина за дочекување на новиот ден покрај самиот брег на Дојранското Езеро – Браво Дојран бината.

unnamed (3)

А по само неколку часа веќе започнаа и активностите од вториот фестивалски ден, па утрово кампот беше резервиран за спортските активности, а веќе од 12:30 часот продолжува музичката програма со настапот на ЉУБОЈНА и поетско-музичкиот перформанс „ИГЛА И КОНЕЦ“ во Church Stage! Покрај нив, денешната програма ќе ја одбележат настапите на ФОЛТИН, ХЛАДНО ПИВО, ОБОЈЕНИ ПРОГРАМ, CONQUERING LION, D GREATEST BEATS with DJ GOCE & DJ CHVARE, MKDSL, THE RED STEP, ПАРКЕТИ, САМОСТАЛНИ РЕФЕРЕНТИ и уште многу многу други.

Влезниците се достапни на фестивалските билетарници!

Еднодневните влезници за Д ФЕСТИВАЛ се достапни на фестивалските билетарници во Дојран по цена од 400 денари за вечерната музичка програма и 200 денари за програмата во кампот. Продажбата на билетите и нивната замена за соодветна фестивалска нараквица се спроведува во Туристичкиот информативен центар пред фестивалскиот камп од 10:00 до 01:00 часот, како и на билетарницата пред главната бина на паркинг Гранит од 19:00 до 03:00 часот.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.