Следи нѐ
To Top

Чавков: 19 приведени, претреси на 24 локации во Велес, Неготино, Гевгелија и Скопје

Вкупно 19 лица се приведени, по три се трага, едно лице се наоѓа надвор од територијата на Република Македонија и едно лице е на издржување казна затвор. Извршени се претреси на 24 локации во Велес, Неготино, Гевгелија и Скопје.

Ова е билансот од акцијата „Којот“ на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР, во содејство со основното јавно обвинителство, информираше на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

реклама

Во текот на денот по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава за повеќе лица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „разбојништва“, „лажно претставување“, „криумчарење мигранти“, „злоупотреба на службената положба“ и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Од приведените, петмина се полицајци сите од СВР Велес,  а еден од нив е помошник командир, посочи Чавков и додаде дека истрагата се уште тече.

– Организатори на криминалната група се три лица од Велес, од кои еден вработен во СВР Велес. Групата почнала да дејствува од почетокот на 2015 година на национално и меѓународно ниво. Полициските службеници контактите и дејствијата при вршење на кривичните дела ги извршувале и за време на работа, изјави Чавков.

При претресите пронајдени се автоматски пушки, рачна бомба, пиштол, дробилка за марихуана, муниција за огнено оружје, службена документација, како и документација од исплата на парични средства.

Според Чавков, припадниците на криминалната група учествувале и во веќе документирани и процесуирани кривично правни настани. Двајца од тројцата организатори биле и организатори на разбојништвото што се случи во Велес на 8 февруари годинава кога од вработени во Агенција за обезбедување беа одземени четири касети сопственост на Стопанска банка во кои имало четири милиони денари.

– Утврдено е дека првопријавениот 35-годишен велешанец на територијата на Велес и Штип повеќе од една година организирал поголема мрежа на дилери на дрога. Дрогата претежно марихуана ја набавувал од Албанија или од Скопје, рече министерот за внатрешни работи. Додаде дека е утврдено оти од страна на криминалната група извршен е транспорт на најмалку 559 мигранти, за различни суми од 500 до 1000 евра, а делувала и преку казнено поправната установа-затвор во Гевгелија, каде осуденик учествувал во пронаоѓање мигранти.

На новинарско прашање во врска со тоа дали Горан Грујоски зема плата во отсуство, министерот за внатрешни работи информира дека тој од вчера го прекинал боледувањето се вратил на работа, и е разрешен од позицијата началник на 5-та Управа, а се уште нема поставено нов на неговото место.

Чавков информираше дека ќе поднесе и тужба во врска со прес-конференцијата на Општинската организација на СДСМ во Струмица на која беше изјавено дека го користел службениот хеликоптер на МВР за приватни цели.

– На конкретниот датум на кој посочуваат на прес-конференцијата, има извршено лет и има изготвено извештај, но е по наредба и барање на јавен обвинител од ОЈО – Струмица и постои комплетна докумантација. Летот е извршен во рамки на истражната постапка во врска со хеликоптерската несреќа односно да се реконструира летот во кој животите ги загубија колегите од МВР, нагласи Чавков. Тој смета дека се работи за обид за дефокусирање на јавноста од тоа што реално се случува на политичка сцена, особено, подвлече, од тоа што се работи во борбата против криминалот.

На прашањето каков е епилогот на акцијата „Рефлекс“ што ја водел поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, Чавков потврди дека за оваа акција за превенирање и елеминирање закани од прекуграничен криминал и насилен екстремизам и тероризам, само два до три дена се потрошени околу 200 илјади евра.

– Ангажирани се речиси сите ресурси во СВР Куманово, во Одделот за посебни единици, ЕБР, Единицата за специјални задачи, воздухопловни единици и направани се огромни трошоци, но резултатот е нула, појасни министерот Чавков.

На новинарското прашање дали внатрешната контрола при МВР има покренато истрага во врска со објавената фотографија на вработена во МВР на приватна веселба – свадба, на која е сликана со автоматско оружје, Чавков информира дека утврдени се факти кои посочуваат дека се работи за оружје кое не е службено, но, истакна, има сериозни индикации дека има не само повреди на прописи поврзани со Законот за внатрешни работи, туку ќе се истражува и евентуална кривична одговорност.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

error: Содржината е заштитена со авторски права.