Следи нѐ
To Top

На 1 август во Крушево по 49. пат „10 Дена Kрушевска Република“

Од први до 10 август во Крушево по 49-ти пат ќе се одржи традиционалната манифестација „10 Дена Крушевска Република“ и ќе понуди бројни културни настани, беше соопштено на денешната прес-конференција во хотелот „Монтана палас“ во Крушево.

Секретарот на Манифестацијата Марија Апостолоска посочи дека свеченото отворање е традиционално, вечерта на 1 август од 20.30 часот на Гумење. Настани има и вечер и утревечер кога ќе пристигнат коњаниците во Крушево.

реклама

– Вечер, како најава на големата Манифестација во Домот на културата „Наум Наумоски-Борче“ ќе биде отворена уметничката изложба „Крушевска одаја“ во организација на здружението на граѓани „Ан-блок“ од Скопје. На 31 јули, в недела, од 18 часот во Крушево ќе пристигнат коњаниците: „Илинденски марш“, „Патот на црешовото топче и пешадиите „Христо Узунов“ и „Тодор Александров“. Пред свеченото отворање в понеделник од 18 часот на Гумење ќе пристигне коњаницата. Делегации ќе положат цвеќиња: во криптата на илинденските востаници, пред бистата на Веле Марков, на гробот на Питу Гули, пред споменикот на партизанските гробишта и на гробот на Тоше Проески, рече Апостолоска.

На свеченото отворање на „10 Дена Крушевска Република“ ќе говорат градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчески и потпретседателот на манифестацијата Манојил Јаковлески. Централен настан на манифестацијата е одбележувањето на 2 Август- Големиот Илинден на Мечкин Камен.

За Никола Јованоски, член на Советот на манифестацијата многу е битен и научниот дел.

– Во научниот дел од програмата на 3 август од 11 часот во хотелот „Монтана палас“ ќе се одржи трибина под наслов: Илинден: слобода, државност и независност“ на која ќе говорат бројни стручњаци од земјава, истакна Јованоски.

Според градоначалникот Дамчески манифестацијата има големо значење за историјата и културата на градот.

– Манифестацијата е во чест на славната илинденска епопеја, но и потсетување за новите генерации, и е културен настан кој привлекува голем број посетители од земјава и странство, рече Дамчески.

Манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“ ќе трае до 10 август кога ќе биде затворена со симнување на бајракот на Републиката и со почесна стрелба за хероите на Крушевската Република.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

error: Содржината е заштитена со авторски права.