Следи нѐ
To Top

Оланд, Ренци, Кери и Бан Ки-мун на отворањето на Олимписките игри во Рио

Шефови на држави и влади и шефови на меѓународни организации ќе присуствуваат на церемонијата на отворање на Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро, пренесоа француските медиуми.

Во свечената ложа ќе бидат присутни претседателот на Франција, Франсоа Оланд, на Аргентина, Маурисио Макри, и на Колумбија, Хуан Мануел Сантос, како и премиерот на Италија, Матео Ренци. Американската делегација на игрите ќе ја предводи државниот секретар Џон Кери.

– Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, ќе учествува во носење на штафетата со олимпискиот оган, пред неколку дена информира неговиот портпарол Стефан Ѓужариќ.

Церемонијата на отворање на ЛОИ почнува во 23.00 часот по Гринич, (01.00 часот по средноевропско време, на 6 август) на стадионот Маракана.

Игрите се одржуваат под засилени безбедносни мерки и во контекст на политичката криза во Бразил, државата која од мај е управувана од привремен претседател – досегашниот вицепретседател Мишел Темер.

Во предвечерието на церемонијата на отворање на Игрите, вчера специјална сенатска комисија се изјасни за импичментот на привремено отстранетата претседателка Дилма Русеф. Таа е обвинета за манипулации со државните средства и за потпишување укази за трошоци, што не биле предвидени во буџетот, а тоа се случувало без согласност на Парламентот, потсетуваат француските медиуми.

Во текот на Игрите, во вторник, Сенатот во полн состав, исто така, ќе расправа за прашањето за импичментот на Русеф. Тој ќе треба да реши дали да се пристапи кон финалната етапа од процедурата за конечно отстранување на Русеф од функцијата. Доколку Сенатот се произнесе за пристапување кон финалната етапа, се очекува тоа да биде на крајот на август или почетокот на септември, односно по затворањето на Игрите.

Заради привременото отстранување на Русеф, домаќин на церемонијата на отворање на Игрите ќе биде Мишел Темер. Русеф нема да присуствува, како и нејзниот ментор, претходниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва. Противниците на Темер, меѓутоа, планираат протести против него, прво на плажата Копакабана, а потоа и во реонот на Маракана.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Останато

error: Содржината е заштитена со авторски права.