Следи нѐ
To Top

Шестото издание на Старт-ап викенд најбројно досега

Заврши шестото и воедно најбројно издание на Старт-ап викенд Скопје во периодот од 28-30 октомври. Домаќин на околу 80 учесници кои заедно со 22 ментори ги развиваа своите идеи овојпат беше HUB Skopje. Во времетраење од 54 часа младите ентузијасти, програмери, дизајнери, маркетари, со една заедничка цел се сплотија да креираат свои стартап компании.

Од презентираните 20 идеи во петокот, беа создадени 15 тима кои во текот на наредните два дена ги разработуваа своите стартап бизниси. Менторите беа резервирани за саботата, каде во текот на менторските часови, тимовите имаа можност да добијат совети околу дизајнирање на апликации, маркетинг, креирање на бизнис и слични совети кои им помогнаа да дојдат до поквалитетно развивање на нивните идеи.

За време на паузите имаа можност одблизу да се запознаат со менторите и да дознаат повеќе за нивните успеси и пречки кои ги имале низ патот кон креирање на нивната успешшна приказна.

Последниот ден се работеше на подготовки на презентациите. Повторно со помош од менторите, тимовите можеа да се подготват за самото финале. Тимовите имаа можност да ги презентираат своите идеи и работата која ја завршиле во текот на тие 54 часа пред 6-членото жири, а најуспешните се:

Третото место го освоија REАDLINE, за својата апликација Snapchat for e-books. Целта на оваа апликација е читателите да имаат дополнителна мотивација да го завршат читањето на своите книги.

Второто место им припадна на Jukebox, апликација која дава одлична можност на сите да ја изберат плејлистата на секоја забава.

Победници на овој Стартап Викенд беа дечките од тимот CABICO со својата мобилна платформа за брзо повикување или закажување на такси во одреден временски период со можност за ride-sharing на такси и без-готовинско плаќање. Платформата е креирана на Android и iOS, со посебни апликации за возачи и корисници.

– „По ова издание уште еднаш покажавме дека во Македонија постојат креативни млади луѓе кои сакаат и работат напорно кон остварување на своите идеи. Искуството и спомените од овој Стартап Викенд со сигурност ќе траат многу долго.“ – велат организаторите.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Creative

error: Содржината е заштитена со авторски права.