Следи нѐ
To Top

Задушница – спомен за починатите

Православните христијани денеска ја одбележуваат Митровденската задушница во знак на сеќавање на починатите.

Црквата пропишала посебни денови – задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите.

Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените. На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите.

На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

Митровденската задушница секогаш паѓа во саботата пред празникот Митровден. Митровденската задушница е востановена во XIV век и најпрвин била руска традиција, од каде што преминала и во повеќето православни цркви. На оваа задушница, во прво време биле спомнувани само православните војници, меѓу кои биле и двајцата монаси Александар Пересвјат и Ослабја од Московската обител на Живоначалната Троица кои паднале на браникот за верата и татковината. Димитриј Јованович Донски, откако ја извојувал победата во битката со Мамаите на Куликовското поле во 1380 година, во која загинале и двајцата спомнати монаси, ја посетил нивната света обител за таму да учествува во извршувањето на поменот за нив. Притоа тој предложил Црквата да го прави овој помен секоја година во Митровденската сабота, односно во онаа сабота која е најблиску до празнувањето на св. вмч Димитриј (08 ноември). Од тоа време Црквата ја приброила оваа задушница во вселенските родителски саботи, а нешто малку подоцна востановила во оваа сабота да се извршува помен не само за паднатите за верата и татковината војници, туку и за сите починати воопшто.

Посебен сообраќаен режим кон гробиштата „Бутел“, „Камник“ и „Ѓорче Петров“ 

Поради верскиот празник Задушница денеска се очекува зголемен интензитет на сообраќајот по сообраќајниците кои гравитираат околу гробиштата „Бутел“, „Камник“ и „Ѓорче Петров“.

Најголем интензитет се очекува во периодот од 9 до 16 часот на градските гробишта „Бутел“ кога ќе биде воведен посебен режим на одвивање на сообраќајот. Приодот кон гробиштата ќе биде од улицата „Александар Урдаревски“, покрај пазарот „Бутел“, лево по локалниот пат за село „Мирковци“, лево по улицата „Боца Иванова“ до паркингот пред гробиштата. Забранет ќе биде приодот од кружниот тек на улицата „Александар Урдаревски“ (кај „Наше дете“), лево преку  ул. „Боца Иванова“.

Обратната насока, односно излезот на возилата ќе се одвива од гробиштата, по ул. „Боца Иванова“, десно по ул. „Александар Урдаревски“. Доколку се укаже потреба и во зависност од моменталните состојби, овој режим на сообраќај може да биде воведен и во останатите денови.

Од сообраќајната полиција апелираат учесниците во сообраќајот да бидат трпеливи и да имаат предвид дека ќе им биде потребно повеќе од вообичаеното време за пристигнување до крајната дестинација. Се апелира возачите да ги почитуваат инструкциите и наредбите што ќе им бидат давани од страна на полициските службеници и да се однесуваат совесно и хумано.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

error: Содржината е заштитена со авторски права.