Следи нѐ
To Top

Најнапредна концертна опрема за спектаклот на Жан-Мишел Жар!

За само неколку дена почнува 18-тиот ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ кој ќе биде отворен со концертниот спектакл на легендарниот ЖАН-МИШЕЛ ЖАР!

Пионерот на електронската музика ЖАН-МИШЕЛ ЖАР во недела (13-ти ноември) ќе го има својот прв настап во Македонија, кој ќе се одржи во Вип Арена „Борис Трајковски“ во Скопје.

Подготовките за отворањето на ТАКСИРАТ 18 се во полн ек, а македонската публика прв пат ќе има можност да биде дел од спектакуларното аудио-визуелно шоу какво што генијалниот Жан-Мишел Жар го приредува секаде ширум светот рушејќи ги концертните рекорди!

Жан-Мишел Жар доаѓа во Македонија со огромен тим кој ќе се погрижи овој концерт да биде доведен до перфекција што соодветствува на големото име и дело. Целиот тим кој работи на комплетната техничка реализација на неговата светска турнеја го подготвува и големиот спектакл во Скопје.

Овој концерт несомнено ќе внесе и новина во музичките настани кај нас кога е во прашање напредната концертна технологија.

Се подготвува бина широка 20 метри, а целокупната техничка опрема во нашиот главен град пристигнува со најквалитетниот концертен караван од 6 шлепери за продукциската опрема и 5 автобуси – најтлајнери за техничкиот тим. Жан-Мишел Жар во Скопје ќе пристигне со приватен авион, придружуван од неговиот менаџерски тим.

За сè да функционира совршено од технички аспект, ќе се погрижи тим од 80 луѓе што ја придружува легендата на секој концерт од турнејата, а во Скопје премиерно ќе биде претставена опрема од апсолутно водечките компании во светот кога се аудио-сценските спектакли во прашање.

Дури и за самиот Жан-Мишел Жар, основоположникот на мултимедијалните перформанси какви што ги знаеме денес, сценскиот проект на оваа турнеја е посебно шоу со досега невидени елементи кои вклучуваат восхитувачки ефекти, светло, ласери и визуелизации.

– „Навистина сум горд и почестен што доаѓам во Македонија токму со ова шоу. За мене тоа е навистина исклучително и многу подобро од претходните кои ги работев. Ова е сосема ново и поинакво шоу, а ме радува дека се совпаѓа со за мене многу посебниот албум ‘Електроника’“ – изјави Жан-Мишел Жар во пресрет на неговиот концерт во Скопје. (видео)

Концертот на ЖАН-МИШЕЛ ЖАР во Скопје е воедно и отворање на 18-тиот ТАКСИРАТ Фестивал, а ќе се одржи пред лимитиран број од 6.000 посетители. Поради огромниот интерес и брзото распродавање на фан-пит и партер билетите, првобитниот капацитет на овие сектори од арената беше проширен со уште мал број влезници, а вкупно се останати уште 500 билети достапни преку продажната мрежа на МКтикетс и онлајн.

Време е за ТАКСИРАТ! Преврти го Скопје наопаку!

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.