Следи нѐ
To Top

ПОРАДИ ГОЛЕМИОТ ИНТЕРЕС: Закажана е и трета изведба на „Монти Пајтон Спамалот“ во Скопје

Огромниот интерес на македонската публика за бродвејскиот хит-мјузикл МОНТИ ПАЈТОН СПАМАЛОТ не стивнува ни по закажувањето на втората изведба во Скопје!

Првата е рекордно распродадена, за втората има останато само уште неколку билети, а поради досега незабележаниот интерес, закажана е и ТРЕТА ИЗВЕДБА на извонредниот театарски феномен кој ексклузивно гостува на ТАКСИРАТ Фестивал.

Таксират и целиот ансамбл на Спамалот ги вложија сите напори да и овозможат на македонската публика да биде дел од уренебесното Пајтоновско шоу во што поголем број, но ова е воедно и последната прилика за сите оние кои сѐ уште го немаат резервирано своето место за овој единствен музичко-сценски спектакл, кој ќе се одржи во Македонска Опера и Балет на 27-ми, 28-ми и 29-ти ноември.

Во рамки на ова ексклузивно гостување на Таксират, македонската публика ќе има единствена привилегија три дена да ужива во Пајтоновскиот хумор на спектакуларен начин, а билетите за третата изведба се веќе достапни во продажба преку продажната мрежа на МКтикетс и онлајн.

Музичката комедија базирана на филмот „Монти Пајтон и Светиот Грал“ првпат ќе биде одиграна пред македонската публика и тоа со врвна светска продукција каква што досега не сме виделе на театарските сцени во регионов, а во изведба на извонредниот ансамбл од Србија. Мјузиклот „Спамалот“ во Скопје доаѓа со импресивна актерска и танчерска екипа, во досега невиден состав. Токму за овој мјузикл, српската актерска легенда Никола Којо по 20 години се враќа под театарското светло преку ликот на Крал Артур, а со него на сцената брилираат и Никола Ѓуричко, Срѓан Тимарев, Гордан Кичиќ, Дејан Луткиќ, Мирољуб Турајлија, Иван Марковиќ и славната Јелена Јовичиќ која неодамна ја восхити македонската публика и со главната улога во мјузиклот „Мама Миа“. Како режисер на мјузиклот се потпишува Радослав – Рале Миленковиќ.

– Проектот „Спамалот“ е единствен музичко-сценски спектакл кој по прв пат на овие простори, на публиката ѝ овозможува да ужива во врвната светска продукција. Собравме екипа од повеќе од 100 луѓе кои го чинат актерскиот, балетскиот, хорскиот и оркестарскиот ансамбл, како и поголем број на надворешни соработници од областа на уметничките и сценските активности. Овој мјузикл е одлична прилика за сите љубители на Монти Пајтон и добриот хумор да дојдат и заедно со нас да уживаат во светски познатиот музичко-сценски спектакл – изјавуваат од Proscenium Productions, кои стојат зад продукцијата на овој мјузикл.

Станува збор за вистински театарски феномен кој за само пет години од поставувањето на бродвејскиот репертоар освои 2 милиони луѓе во 25 држави ширум светот. Оригиналната бродвејска продукција е направена во 2005 година, кога и „Спамалот“ веднаш ја доби „Тони“ наградата за најдобар мјузикл, како и уште две „Тони“ награди, Сара Рамирез за улогата на Дамата од Езерото и Мајкл Николс за најдобра режија на мјузикл. На тоа доделување, „Спамалот“ беше номиниран за вкупно 14 „Тони“ награди.

Популарниот мјузикл ексклузивно ќе биде одигран во Скопје, на 27-ми, 28-ми и 29-ти ноември 2016, во реновираната сала на Македонска Опера и Балет.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.