Следи нѐ
To Top

Потпишан Кодекс за фер и демократски избори

Во пресрет на утрешниот почеток на кампањата за предвремените избори за пратеници на 11 декември, сите коалиции и политички  партии учесници на изборите, денеска  потпишаа Кодекс со кој се обврзаа за фер и демократски изборен процес.

– Избори кои се фер и демократски и ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеење придонесуваат за демократски развој на општеството. Сите учесници во изборите со своите активности го поставуваат фундаментот на демократијата и придонесуваат за градењето на довербата во изборниот систем на Република Македонија, истакна претседателот на ДИК Александар Чичаковски.

Токму затоа ДИК, како што рече Чичаковски, како надлежен орган кој се грижи за законитоста во подготовката и спроведувањето на изборите го подготви Кодексот за фер и демократски избори. – Со овој Кодекс политичките партии и учесниците во изборите се обврзуваат и си ветуваат еден на друг, како и на сите граѓани на Република Македонија, дека ќе се придржуваат и активно ќе ги промовираат принципите на слободни и фер демократски избори, посочи претседателот на ДИК.

Учесниците во изборниот процес со потпишувањето на овој Кодекс, според Чичаковски, јасно изразуваат волја да го почитуваат избирачкото право на граѓаните кое еднакво, општо и непосредно и се остварува на фер и слободни избори со тајно гласање.

– Партиите се обврзуваат да ги запознаат своите кандидати и членови со Кодексот, како и со нивните одговорности пропишани со релеватните законски прописи кои се однесуваат на изборите. Со почитувањето на Кодексот заедно се обврзуваме дека ќе придонесеме за фер и демократски избори според највисоките меѓународни стандарди, истакна претседателот на ДИК.

Кодексот го потпишаа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој ја предводи коалицијата „За подобра Македонија“, лидерот на СДСМ Зоран Заев од здружената опозициска коалиција, во име на ДУИ Изет Меџити, Мендух Тачи од  ДПА, Гзим Острени од коалицијата Алијанса за Албанците, Ивон Величковски од ЛП, Стојанче Ангелов од Достоинство во име на Коалицијата ВМРО за Македонија, Павле Трајанов од Демократски сојуз за Коалицијата за промени и правда – Трет блок, Билал Касами од Беса, Здравко Савески од Левица и Мухамед Халили од ПДП.

Потписниците на Кодексот, освен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски, дадоа изјави за медиумите во кои се заложија за фер и демократски избори во земјата.

На потпишувањето на Кодексот присуствуаа амбасадорите на САД, Германија, Франција, Велика Британија, заменик амбасадорот на ЕУ и и шефот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, како и сите членови на ДИК и  други претставници на партиите.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

error: Содржината е заштитена со авторски права.