Следи нѐ
To Top

МРТ СО ИНТЕРНА ОДЛУКА: Јана Бурческа ќе ја претставува Македонија на „Евровизија 2017“

МТВ излезе со соопштение до јавноста во која информираат кој е македонскиот претставник за Изборот за песна на Евровизија 2017. Откако интерно ги избраа Есма, Лозано, Тијана и Калиопи минатите години, оваа година МТВ решија младата македонска пејачка Јана Бурческа да оди на Евровизија.

Во соопштението објавено на сајтот на МРТ, меѓу другото пишува:

Имајќи го предвид фактот дека според правилата на EBU, секој Национален радиодифузер има целосно право и слобода на избор на форматот низ кој се одлучува актуелниот национален претставник, МРТ одлучи на овој престижен и реномиран музички натпревар, честа за претставување на Јавниот национален радиодифузен сервис и Македонија, да и се довери на младата македонска интерпретаторка Јана Бурческа.

Својата музичка кариера Јана Бурческа ја започнува во првата сезона на Изборот за Македонски идол кадешто во финалето се пласира на петтото место.

Во 2011 година во улога на амбасадор во кампањата на UNICEF се вклучува во националниот проект- кампања „Заедно за училишта без насилство“.

Во 2012 година дебитира на сцената на Скопскиот фестивал со композицијата „Би била твоја“ за којашто го напиша текстот на музика на Валентино Скендеровски, со што веднаш се свртува и вниманието на музичката јавност на нејзиниот сензитивно префинет сценски перформанс и вокал.

На сцената на Фестивалот на забавни мелодии „Скопје“ Јана Бурческа ќе настапи и во 2013 година заедно со Мики Секуловски со песната: „Љубовна“ за којашто музиката ја напиша Игор Атанасовски Харе, на текст од Игор Џамбазов и аранжман на Дамир Имери, како и во 2015 година со песната „Јас и ти“ на авторите Кристина Арнаудова и Бојан Трајковски.

Нејзините исклучителни вокални способности доаѓаат до израз во повеќе музички проекти, и соработки со голем број етаблирани авторски имиња од македонската музичка сцена, меѓу кои и со култната македонска група „Мизар“ со којашто ќе ја сними композицијата „Небо“ .

МРТ смета дека соработката што следува со Јана Бурческа, заедно со авторскиот тим на композицијата којашто ќе биде одбрана, ќе резултира со модерен и пред се атрактивен евровизиски производ , со афирмативен национален карактер во контекст на достојното претставување на Македонија пред европската и светска културна јавност.

За терминот на официјалното претставување на композицијата со којашто Македонија ќе се натпреварува на Евровизискиот Избор во Киев – Украина 2017, МРТ дополнително ќе ја информира македонската јавност, стои во соопштението.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.