Следи нѐ
To Top

Уметникот Игор Јосифов на Скопската недела за дизајн

Македонскиот уметник со светски успех Игор Јосифов повторно доаѓа во Македонија, овој пат станува збор за неговото претставување на Скопската недела за дизајн (Skopje design week) што ќе се одржува од 23 до 27 ноември во Јавна соба (Public room).

Во малку поинакво светло од она што досега сме го виделе од Јосифов, но сепак автентично за уметноста што ја практикува. Станува збор за модна линија на уни-секс маици дизајнирани од модната дизајнерка Милена Атанасова со принтани дела на Игор Јосифов.

Во рамките на Скопската недела на дизајнот, Јосифов ќе има и перформанс, огнена рефлексија, како и прикажување на два негови нови филмови „Unification“ и „Untie“.

<
>

Јосифов вели дека „Untie“ е кулминација на неговата ефикасност во работата и на животното патување во неговата еволуција како уметник.

– Во „Untie“, јас сум задржан во средина, беспомошен и не можам да се ослободам. Моето тело е изложено на погледите од гледачите. Оваа метафора го отсликува уметникот како политичко тело, кое е заложник на материјализмот и ограничено од страна на структурирани простори. Костимот/инсталацијата е направен од ткаенина која е специјално создадена за користење на мојата техника на огнена рефлексија. Јас го насликав платното додека медитирав за моменталната состојба на светот. Во текот на процесот го обликувам пепелот од минатото и спомените што некогаш биле нематеријални, при соодветна реконструкција добиваат одредена форма – вели Јосифов.

Љубителите на уметноста и модата ќе може да го посетат уметничко/модното катче на Јосифов и Атанасова на првиот кат во Јавна соба додека трае неделата на дизајн.

– Принтови од неговите најубави дела, а мои би рекла и најомилени. Маиците се изработени од чист памук, во црна и бела варијанта, со чиста и современа линија. Совршен дизајн за љубителите на уметноста и модата – изјави Милена Атанасова, по повод нивната соработка.

Во петок, на 25 ноември, со почеток во 20 часот ќе биде проекцијата на филмовите „Unification“ и „Untie“, а еден час подоцна со почеток во 21 часот во предворјето на Јавна соба ќе се одржи перформансот на Јосифов.

Ова не е прва соработка меѓу Атанасова (студио АТАМИ) и Јосифов, тие зад себе ги имаат уметничките проекти „Wit-ness“ и „Untie“, каде што Атанасова беше задолжена за дизајнирањето на аутфитот на Јосифов.

Филмот „Wit-ness“ е всушност мултимедијалент проект, со кој Јосифов се претстави на Интернационалниот уметнички фестивал во Сан Франциско во 2015 година, а вклучена беше и манекенката и модел Катарина Ивановска.

Проектот „Untie“ прикажан преку неговата позната техника на огнена рефлексија, пак е кулминација на досегашното повеќегодишно уметничко творештво на Јосифов, кое исто така беше претставено оваа година на Интернационалниот уметнички фестивал во Сан Франциско, градот кој важи за еден од уметничките центри во светот, а е и втор дом на Јосифов повеќе години.

Светската, но и македонската јавност Јофиов го запозна преку неговите автентични, уникатни уметнички изразувања. Младиот современ уметник успешно твори и изложува во престижни светски музеи и галерии.

Техниката на горење ја започнува во 2007 г. и тогаш сфатил дека во тој процес има огромно уметничко ослободување.

Јосифов по завршувањето на средното уметничко училиште во Скопје во 2005 г. добил стипендија да студира современа уметност во Сан Франциско. Во неговото портфолио стојат изложби и перформанси во Париз, Сан Франциско, Њујорк, Чикаго, Атина, Скопје…

Секако, и соработката со славната Марина Абрамовиќ, со која соработувал на перформансот „Уметникот е присутен“ во њујоршкиот Музеј на современа уметност МОМА.

Јосифов во месец декември ќе има уште едно уметничко претставување во главниот град на Македонија. Станува збор за самостојна изложба во Младинскиот културен центар, а за деталите наскоро ќе Ве информираме поопширно.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.