Следи нѐ
To Top

Корисниците на ВИП не можат да се јават во полиција – операторот вината ја префрлува кон компанијата „Епл“

Деновиве до информативната редакција на Популарно.мк пристигнаа две писма од наши читатели, едното од Куманово, а другото од Скопје, но и двете со ист проблем – корисници на мобилниот оператор ВИП кои се жалат дека не можат да се јават на службите за итна помош, полиција, ниту пожарна.

Во едно од писмата, во кое читателот бара да остане анонимен, се вели дека овој проблем датира уште од пред три месеци, и е пријавен во техничката служба на операторот од каде сѐ уште работат на решавање на проблемот.

реклама

– „Два пати се најдов во ситуација да некој е тешко повреден во последни три месеци и мене ми се случи истото. Чекавме случајно да помине некој со број од Телеком или пак полиција случајно да помине. Два пати им се јавив во техничка подршка, два пати ми кажаа дека ќе го решат проблемот, но сѐ уште ништо не е преземено од нивна страна.“ – вели читателот.

Имено, кога ќе се обидете да се јавите на еден од итните броеви 192, 193 или 194, вашиот повик автоматски се префрлува на бројот 195, кој е на Центарот за управување со кризи.

Од операторот ВИП го потврдуваат проблемот, но велат дека виновникот за ова е компанијата „Епл“, а не нивниот систем.

– „Истражувањата од страна на one.Vip покажаа дека само Ајфон уредите со ВИП СИМ картичка и подесувања за „вип“ бројот 192 го третираат како „Emergency number“ (итен број) и самиот Ајфон уред го конвертира во 112, па во мрежата на оне.вип бројот 112 се рутира кон бројот 195. По забелешката од страна на корисните, one.Vip ги презема сите потребни активности за надминување на оваа состојба, односно побарано е од производителот истото да биде сменето, т.е. 192 да се третира како обичен скратен број“ – велат од секторот за односи со јавност од Вип.

Дополнително, стои во нивното соопштение до нашата редакција, тестирањата од страна на производителот на Ајфон уредите покажаа позитивен резултат, сепак прилагодувањето за Македонија е сѐ уште неуспешно. И покрај тоа, операторот Вип интензивно работи за да обезбеди непречено функционирање на итниот број.

– „Според последните најави, до крајот на годинава се очекува нова верзија на оперативниот систем iOS, која овој проблем ќе го има решено“ – додаваат од Вип.

Нашата редакција се обрати и до одделот за односи со јавност во компанијата „Епл“ од каде добивме изјава дека тие се запознаени со случајот и овој проблем ќе биде надминат во наредното софтверско ажурирање.

Од Центарот за управување со кризи, пак, не добивме одговор дали е зголемена фрекфенцијата на повици кон нивната итна линија во наведениот период.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Мобилни

error: Содржината е заштитена со авторски права.