Следи нѐ
To Top

СПАСЕ КЛИКОВАЦ: Македонските модели „живеат“ на компензација

Спасе Кликовац е 20-годишно момче од Скопје кое ја претставуваше Македонија на интернационалниот моден натпревар „Супермодел јуниверс“ во Бугарија, каде освои две титули, прво место во категоријата „Мистер Перформанс“ и второ место во категоријата „Мистер Супермодел Јуниверс“.

Скромен, паметен и успешен, Кликовац ни раскажуваше за искуството на натпреварот во Бугарија, неговите модни почетоци, проблемите со кои се соочуваат македонските модели, колку Македонија дава поддршка на ваквата професија, но и за неговите идни планови.

– „Неочекувано добив понуда преку Роберт Граматиков да ја претставувам Македонија на овој интернационален натпревар и сега, кога ќе погледнам наназад на работите кои таму ми се случија, навистина сум среќен што прифатив. Запознав многу нови пријателства, стапив во контакт со голем број на агенции кои ми понудија работа, но најважно од сѐ е што со гордост ја претставував мојата држава и донесов две титули – „Мистер Перформанс“ и „Мистер Супермодел Јуниверс“ – вели Спасе.

15281117_1816853981920718_1972915342_n

Инаку, ова 20-годишно момче од неодамна започнува да се занимава со манекенството, додека седум години активно се занимавал со кикбокс. За себе вели дека го сака шоубизнисот и смета дека е лик кој треба да биде присутен на македонската естрадна сцена.

fullsizerender

Портфолиото на Кликовац веќе е навистина исполнето – има направено повеќе фотосесии за познати модни брендови во Македонија, но и странство,  има учествувано во два музички спота и активно е вклучен во промоцијата на неколку останати брендови, а баран е и на голем број избори за убавина во Косово, Турција и Франција.

– „Меѓутоа сѐ ова немаше да ми се случи без помошта на мојот пријател и менаџер, Зоран Василевски, кој ја дава неговата максимална поддршка која ме мотивира да продолжам со тоа што го работам“ – додава Кликовац.

Малку познат факт е тоа што македонските модели кои ја претставуваат нашата држава на вакви престижни интернационални натпревари мораат сами финансиски да го покријат целосниот ангажман, од облека, фризура, шминка, патување, партиципација, па сѐ до најситните детали.

15239158_1816854035254046_809943748_n

Естрадниот новинар Зоран Василевски, познат во јавноста како Зоки Фаци, се надоврза на интервјуто на Спасе:

– „Досега, државата наша, на ниту еден модел не му дала пет денари за да го поддржи во промоцијата што ја прави на Македонија. Сум организирал многу модни натпревари и можам да се пофалам со победата која и ја донесовме на Македонија заедно со Стефан Лошковски на натпреварот во Перу, прв мистер на светот на интернациолно ниво, тој беше прв, во историјата на Македонија ќе се запише како прв мистер на светот, тоа не е мала работа, а ние не добивме ниту денар за тоа. Сите трошоци паднаа на наша глава, за на крај Македонија да биде таа што ќе се гордее со титулата.“ – се надоврзува Василевски.

Па тука, се поставува прашањето, дали за да бидеш успешен во модел во Македонија, ти се потребни пари:

– „Искрено да ви кажам, јас да не го познавав господинот Зоран, кој има комуникација и пријатели во голем број познати бутици, салони и слично, немаше да успеам. На него му даваат, буквално кажано гардероба која потоа нели секако ја враќаме, на реверс, не ја плаќаме, туку ја враќаме. И тоа е нешто, некој да ти даде денеска да изгледаш совршено на сцена, облечен од глава до пети, тоа е привилегија, ама тоа е затоа што ги познаваме бутиците. Јас сум во шоу бизнисот, ќе ти направам реклама, а ти ќе ми дадеш облека на компензација. Македонските модели живеат на компензација!“ – вели Спасе.

fullsizerender-1

Но, ова не е случај и во другите држави.

– „Јас отидов во Бугарија буквално сам, можев да договорам само фотограф кој дојде со мене за да направи професионални фотографии од ревиите. Меѓутоа другите модели на овие натпревари доаѓаат со огромни тимови, стилисти, лично обезбедување, ентораж (замислете, им носат дури и куфери), фотографи, менаџери, професионални шминкери, фризери, но нив држава ги плаќа. И нормално е државата да ги плаќа, тие си ја промовираат земјата.“ – додава младиот Кликовац.

На оваа изјава се надоврзува Зоки:

– „На пример, сега, Спасе оди таму, му пишува Македонија, а никој од македонците не знае за тоа, само можат да прочитаат на портали, а не знаат дека таму застанал под македонското знаме. И не е само тој, и сите модели што биле пред него, секогаш е истата приказна“ – додава тој.

И покрај тешката ситуација во која работат овие млади таленти, сепак претставува голем успех што младо момче, како Спасе, носи големи титули за Македонија, а ние сме тие што треба да го поддржиме и да го промовираме, со надеж дека во иднина ваквата состојба ќе се промени.

15211576_1816853991920717_202285020_n

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.