Следи нѐ
To Top

Девет нивоа за интелектуален триумф!

Ако ви кажат дека сте интелигентни, или ве лажат или себе си се залажуваат… Особено ако интелектот се премерува со папирологија во вид на дипломи, сертификати и слично, затоа што дојде време на купување дипломи, школување не заради порив и љубов кон науката, туку заради „имиџ“, етикеција заради етикеција, дипломирање заради очекување, а не знаење заради негово оплодување и продавање на пазарот на трудот како одговорно стекнат и неотуѓив капитал ( оти тоа што го имаш во себе никој не може да ти го украде).

Многу треба за титулата „интелигенција“ која најчесто ја поимаме со IQ, или со интелектуалниот потенцијал со кој се раѓаме. Но, модерната психологија ги надминува традиционалните ставови, дека човек се раѓа со одредено ниво на интелигенција и со едно ниво на IQ.

Психологот Хауард Гарднер развива теорија за повеќекратна интелигенција, дефинирајќи ја како способност за решавање проблеми или создавање производи кои се респектираат во една или повеќе културни рамки. Според него паметот има девет вида или облици на интелигенција, колку што една мајка носи плод во утробата, колку што кругови Данте ќе креира за „Пеколот“ за да не исчисти од гревовите, а во толку и половина повеќе недели ќе уживаат во страста актерите во филмот „Девет и пол недели“…

Кој каде и колку ќе се пронајде е тест на интелигенција, самокритичност пред самобендисаност. Паметниот решава проблеми – мудриот нема проблеми!

1.Визуелно-просторна интелигенција – Моќ за визуелизација, уживање во читање, пишување, сликање, цртање, составување пазли, лего коцки и слично. Проучување на мапи, графикони, видео-снимки и фотографии, на светот гледаат преку исклучително развиена мечта. Идеални професии :архитект, уметник, кореограф.

2. Вербално – лингвистичка интелигенција – Моќта на говорот, артикулација на реченица при усно и писмено изразување, добра меморија, способност за комуникација, дебатирање, развиена смисла за хумор и содржинско објаснување на нештата. Идеални професии: новинари, учители, писатели, адвокати.

3. Логичко – математичка интелигенција – Развиени вештини за решавање проблеми во комплексни задачи, уживање при размислување за апстрактни идеи, научни експерименти, нивна забава се крстозбори, ребуси, загатки…Идеални професии: научници, инженери, економисти, сметководители, доктори.

4. Телесно – кинетичка интелигенција – Јапоседуваат луѓето кои се движат грациозно и складно со телото, духот и телото им се во хармонија, го користат телото за да се изразат, имаат одлична физичка кондиција и затоа највидливи се кај танчерите, атлетичарите и актерите, како и кај оние кои се занимаваат со моделарство, конструирање и поправање.

5. Музичка интелигенција – Јасно е дека ја поседуваат музичарите, композиторите, наставниците по музичко и сите оние кои имаат смисла за музика, слух и ритам, лесно препознаваат тонови, музички нумери, лесно учат да играат и музицираат.

6. Интерперсонална интелигенција – Разбирање за сите околу вас, интерактивност, проценка на емоциите кај другите, препознавање на туѓи мотиви, желби, емоции, намери…Одлично развиени вербални и комуникациски вештини, способност за разгледување ситуации од најразлични агли, себеанализирање, самокритичност, креирање позитивна клима и решавање на конфликти. Идеални за лидери, а најчести професии се филозофи, советници и ПОЛИТИЧАРИ (вистински лидер не разединува туку обединува.)

7. Интраперсонална интелигенција – Личности свесни за себе, за своите доблести и мани, поврзани се со интроспекција и авторефлексија, често знаат да се повлечат во себе и тивко да ги анализираат проблемите околу себе, хипер сензибилни и чувствителни на околината . Такви знаат да бидат филозофите, писателите, теоретичарите и научниците.

8. Натуралистичка интелигенција – Исклучително свесни и за најсуптилните промените во своето опкружување и околина, ја сакаат природата, го анализираат и растителниот и животинскиот свет, а најчести професии се биолози, еколози, фармери, земјоделци, кулинари.

9. Егзистенцијална интелигенција – Според психологот Гарднер е можна, но не и загарантирана интелигенција. Ја имаа оние кои сакаат да размислуваат за филозофските прашања, за смислата на човековото постоење, егзистенцијализмот и моралните промени и проблеми. Најчести се во филозофските и верските кругови.

Бомбардирани од сите страни со реформи во образовниот систем, препукувања за валидноста на дипломите, стручноста на кадрите, објективноста во оценувањето и други „соломонски“ потези, ми доаѓа да вреснам оти интелигенцијата не е дефинирана само со дипломи, титули, работни позиции, информираноста, стекнат капитал … туку и со способност за постојано учење и прилагодување во нови и непознати ситуации.

Интересно, но психологот Гарднер не ја спомнува сексуалната интелигенција, за која не требаат дипломи и сертификати, но е од голема важност за интелектуалната зрелост и комплексност. СЕКСУАЛНА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА… Една од најтврдокорните предрасуди на кои ни книгите не им можат ништо, е предрасудата околу сексот и сексуалноста.

Дека сексот е „свет“ во име на создавањето потомство, а „грешен“ во име на задоволствата , се уште е во потсвеста на жените. Но една од големите вистини за сексуалното здравје е фактот дека често водење љубов го подобрува квалитетот на животот. Секако, водењето љубов на сигурно (познат партнер, заштита од сексуално преносливи болести и несакана бременост) е превенција за здрав сексуален живот. Сексот е кардиоваскуларна вежба за симнување на „лошиот“ холестерол, зголемување на кислородот во мускулното ткиво, зацврстување на коските и мускулите, зголемување естроген кај жените и заштита на срцето.

Во книгата „Сексуална интелигенција“ на д-р Шери Конрад и Мајкл Милберн , дадени се поразителни резултати од истражувањата. Една третина од групата испитаници од 18 до 39 години се изјаснила дека има секс еднаш месечно, а секој трет маж или жена оптимални два пати неделно! Истражувањата на оваа тема се специфични, а статистиката отежната, патем испитувале Американци, а не Балканци и не мораме да им веруваме, „не е морално бе Пиги“!

Но она во што мора да веруваме е фактот дека и покрај сексуалното образование, достапните информации, надминувањето на табу темите… ние сепак немаме ниво на сексуална интелигенција и развиен култ кон водењето љубов. Сексот не е спорт и не може некој да ужива во инстант секс и „мување“ за една ноќ, отколку во долгорочно градење на долга врска со заемно разбирање и љубов. За жал, долгите врски излегуваат од „мода“ .

Дури и бакнежите губат од вредност кога се расфрлаат без здрава инспирација. Еротската возбуда почнува со бакнежот, кога 150 пулсирања согоруваат 12 калории за 7 секунди, а за една минута и 50 калории , доволно да истопи милка со се лешници! Францускиот бакнеж активира 29 мускули, поттикнува адреналин и го забрзува пулсот, додека страсно се бакнуваме разменуваме хормони кои делуваат како афродизијак, 9 мг вода, 0,18 органски материи, 0,45 мг сол но и 250 бактерии кои го олеснуваат варењето…Затоа наместо Орбит џвакајте го партнерот !

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Колумни

  • Политиканти, критизери и други суплементи…

    Кога интелектуалецот ќе се одрекне од автентичната улогата на бранител на универзални вредности, неговата „големина“ се смалува, се собира како шангриската...

    Татјана Алексиќмарт 19, 2017
  • Ден потоа…

    Ден поТОА… Тоа е ТОА што се чека цела година, како пустината дождот, рибарот риба, ветерницата ветрот, покерашот покер, коцкарот џек...

    Татјана Алексиќмарт 19, 2017
  • Кој ни ја украде радоста?

    Радоста е наша автентичност, хармонија од мисли, чувства, однесувања и себекреирање во позитивна личност.

    Татјана Алексиќмарт 19, 2017
error: Содржината е заштитена со авторски права.