Следи нѐ
To Top

ЛИГА ЕВРОПА: Зенит пресилен за Вардар

Екипата на Вардар доживеа убедлив пораз од Зенит со 5:0 на својот дебитантски настап во Лигата на Европа. Рускиот тим во целост ја оправда улогата на апсолутен фаворит и сосема заслужено ги освои бодовите во Скопје.

Победата на гостите од Санкт Петербург ја најави Александр Кокорин уште во 6.минута, а истиот играч во 21.минута зголеми на 2:0. Двата погодока Кокорин ги постигна со глава. До крајот на првото полувреме Артем Џуба постигна уште еден гол за Зенит. Во 66.минута Бранислав Ивановиќ по четврти пат ја затресе мрежата на Вардар, а конечниот резултат го постави резервниот играч Емилијано Ригиони во 89.минута.

реклама

Вардарци иако се трудеа во текот на целиот натпревар и имаа неколку обиди за гол, не успеаја да ја погодат целта и за својот првенец во второто по квалитет клупско континентално натпреварување ќе почекаат некоја шанса во следните рунди.

Натпреварот се одигра на полупразната „Телеком Арен“ но треба да се нагласи големата поддршка што „црвено-црните“ ја добиваа сите 90 минути од најверните навивачи „комити“ кои ги вратија на бис вардаровите фудбалери по крајот на средбата порачувајќи им дека и покрај високиот пораз и понатаму ќе може да сметаат на нивната помош од трибините.

На другиот натпревар од 1.коло во Л-групата Реал Сосиедад на свој терен со 4:0 го победи Розенборг.

Во следното коло Вардар на 28 септември ќе му гостува на Розенборг во Норвешка.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Спорт

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.