Следи нѐ
To Top

ФОТО: Католиците го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден

Католиците денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.

Традиционално во Македонија, централното одбележување по повод празникот се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше велигденска воскресна литургија.

реклама

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, честитајќи им го Велигден на католичките верници на литургијата ја прочита велигденската порака.

Со оваа најубава литургија во Католичката црква го празнуваме и најголемиот настан на спасението кој произлегува и ја надминува нашата историја, а тоа е настанoт на Христовото Воскресение. Силата на нашата вера е во Христос кој е жив, воскреснат и присутен. Празнувањето Велигден секогаш чин е на верата и достојно може да се празнува не како спомен, туку како настан на верата. Литургијата со која го славиме тој настан не е празен спомен, туку настан сега и овде. Литургиското празнување не е собир на убави церемонии, а и овој олтар не е сцена, туку литургијата е свет настан и така и овој олтар е свето место на спасението.

Имено, сите ние сме наследници на една човечка природа иако секој од нас е неповторлива единка во историјата. Таа наша природа е ограничена во времето и просторот. Неискажливо не мачи фактот на преминот и грешноста. Толку желно копнееме да не умреме и да имаме совест слободна од нашите лоши дела и неуспеси. Христос влезе во таа наша природа и ја зеде на себе сета наша грешност. Највозвишен дар кога на посебен начин го доживуваме од гревот е токму Велики петок. Нема Воскресение без тоа ослободување. За жал, гревот е наследство што секој од нас повеќе или помалку го носи во себе како искуство и товар. Знаеме дека од тој товар не можеме да се ослободиме сами со својата сопствена сила. Кој може да ни ја смири нашата ранета совест, кој ќе го симне од нас товарот ако не единствениот праведен и милосрден Бог. Но, Тој тоа го направи преку Исус Христос кој и покрај својата безгрешност ги зеде врз себе гревовите на сиот свет и во смртта ја уништи моќта на гревот. Таа негова предаденост во љубовта и послушноста кон Отецот го смири целото човештво со Бога. За тој мир по кој копнее нашата совест е даруван во Христовата жртва. Во тој миг на својата целосна преданост на послушност и смрт, ја уништи смртта. Бог не ја создаде смртта ниту се радува на смртта, но допушти Исус да умре со човечка смрт, а да воскресне со Божествена сила.

Со Христовото Воскресение смртта е уништена. Со Христовото воскресение е отворен патот во оној живот за кој што човекот е создаден. Смртта е завршеток на еден пат, но тој пат не престанува, туку само продолжува на еден друг начин на постоење. Христовото воскресение го докажува и оној трет начин а тоа е постоењето во тело. Додека го празнуваме Неговото воскресение ние, всушност, го признаваме тој нов начин на постоење.

Драги браќа и сестри, со силата на верата која не храни и охрабрува и јас денес ви порачувам: Не плашете се! Го барате Исуса, Воскресна, отидете во Галилеја, таму ќе го видите. Оваа средба во овој Божји храм ја има силата на тоа послание: Идете и сведочите дека Исус Христос е жив и присутен. Ако сакате да имате мирна совест и вечен живот облечете се во силата на верата која ви се нуди во овој миг. Отидете по сиот свет и бидете сведоци дека Исус Христос е сега и секогаш единствен Спасител на светот. Нека Неговата присутност трајно ве прати по вашите Галилејски, односно македонски патишта. Честит празник Воскресение Христово – Христос воскресе!, рече бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов.

На литургијата присуствуваа и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.