Следи нѐ
To Top

ФОТОГАЛЕРИЈА: Македонските ракометари се изборија за Европското првенство во Полска

Насловна фотографија: Драган Тануровски / Популарно.мк

Машката македонска ракометна репрезентација се избори за настап на Европското првенство што следната година ќе се одржи во Полска.

реклама

Во решавачкиот натпревар од последното коло во квалификациите за ЕП, македонските ракометари ја совладаа Чешка со 32:28 (полувреме 15:12), во натпреварот што се одигра попладнево во СЦ „Борис Трајковски’’ во Скопје.

Иако гостите од Чешка се до 26-минута го контролираа резултатот и беа во предност, сепак, во завршните четири минути од првото полувреме, црвено-жолтите по серија од 5:1, на одмор заминаа со позитива од три гола 15:12.

Во вториот дел, избраниците на селекторот Ивица Обрван рутинирано ја одржуваа, а на моменти и зголемуваа предноста, за на крај да се радуваат на триумфот со конечни 32:28.

Најефикасен во нашата селекција беше капитенот Кирил Лазаров со 11 голови, додека Дејан Манасков средбата ја заврши со 7. На голот Борко Ристовски имаше уште еден фантастичен настап со 13 успешни интервенции.

ФОТОГАЛЕРИЈА: Драган Тануровски / Популарно.мк

This slideshow requires JavaScript.

Со оваа победа нашата селекција го освои второто место во групата „6’’ со 7 бодови, три помалку од Франција (10), а пред Чешка која остана на 5 и последно пласираната Швајцарија која квалификациите ги заврши без бодови.

Ова ќе биде трето последователно учество на Македонија на ЕП, вкупно четврто, (Италија 1998, Србија 2011 и данска 2013), со што е продолжен континуитетот на настапи на оваа генерација ракометари на големите натпреварувања.

Покрај Македонија и Франција од групата 6, како и домаќинот, пласман на ЕП досега обезбедија: Хрватска, Норвешка, Данска, Шведска, Словенија, Унгарија, Русија, Шпанија и Германија.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Ракомет

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.