Следи нѐ
To Top

Светски познатите 2CELLOS на 8 август во Охрид!

Супергрупата од двајца, 2CELLOS (Ту Челос) на Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер, познати како Хрватите кои го освоја целиот свет, доаѓа во Охрид на 08. август. 2CELLOS ќе настапат на сцената на Античкиот театар, а концертот почнува во 21:00.

– „Ако сакате да видите нешто навистина неверојатно, гледајте ги 2CELLOS во живо. Зачудувачки е! Не сум видел ништо повозбудливо од времето кога во ’60-те го гледав Џими Хендрикс.” вели Сер Елтон Џон за 2CELLOS.

реклама

Маестралните 2CELLOS во светот “експлодираа” како Јутјуб сензација во 2011-та, по видеото во кое на две виолончела свират преработка на Мајкл Џексон. Скромниот и јасен спот за десетина дена беше прегледан 3 милиони пати и… останатото е историја. Виртуозите од малата Хрватска се вивнаа во поп светот, следуваше гостување во ток шоуто на Елен Деџенерис (два пати во само шест месеци) и појавување во емисијата на Џеј Лено.

Шулиќ и Хаузер како 2CELLOS гостуваа и во екстремно популарната музичка серија „Glee“ (Гли), во чија историја влегуваат како првите гости со инструменти во вокалното шоу. Токму таа изведба на „Smooth criminal“ на кралот на попот, во придружба на актери од „Glee“ дебитираше на Жешката Билборд Топ 100 листа на неверојатното 10-то место.

Во Јапонија се најмногу познати, каде што добија награда за најдобар инструментален албум во 2014-та. Во Македонија ќе дојдат после целомесечната турнеја низ Земјата на изгрејсонцето, а дополнително ќе настапат и во Кореа, Сингапур и Хонк Конг. Во последнава година бележат настапи по најважните европски музички центри – Берлин, Милано, Лондон, Виена…. инаку на домашен терен во арената „Лисински“ во Загреб, закажаа еден концерт кој што беше веднаш распродаден, па мораа да закажат втор.

Но, ништо не може да се спореди до учеството на Лука и Стјепан во светската турнеја на Сер Елтон Џон и неговиот бенд, во кој Хрватите беа вклучени по силно инсистирање на самиот Елтон. 2CELLOS беа дел од „ол стар“ составот на Сер Елтон Џон на стотици настапи по светот и задолжително се појавуваа на концертите на англискиот хитмејкер во хотелот „Цезарс Палас“ во Лас Вегас.

До сега имаат издадено три албуми: „2CELLOS“ во 2011-та, „I2ition“ (Интуишн) во 2013-та, плоча потпишана од славниот Боб Езрин, продуцент кој соработувал со Пинк Флојд, Питер Гебриел, Лу Рид и многу други. На овој албум на 2CELLOS гостуваат Стиви Ваи, Наја Ривера, Ланг Ланг и Цукеро и секако Сер Елтон Џон..

На почетокот на годинава го издадоа третиот – „Celloverse“ (Человерс) каде покрај преработките на поп песни во препознатливиот стил, Лука и Стјепан додадоа и авторски материјал.

Она што е еднакво импресивно за Лука и Стјепан е величината на нивната кариера во сериозната музика. Двајцата многу мали почнуваат да свират, се развиваат како исклучителни таленти и двајцата се образоваат во елитни училишта и академии во Британија и САД.

Националните хрватски и меѓународни награди на Лука и Стјепан не се бројат, а нивната виртуозност со воодушевување е прифатена и од кралеви и кралици и од принцеви и принцези. Речиси и да не постои престижна концертна сала во светот каде момците не измамиле громогласни аплаузи. Од Нов Зеланд до Америка, 2CELLOS се прифатени со восхит и неверување во нивниот музичко сценски капацитет. 2CELLOS се познати по огнената енергија и неизмерната љубов кон музиката која не можат да ја сокријат на сцена.

Многу специфично е дека академски музичари со светски признанија за достигнувања во класичната музика криеле таков талент за таков настап и анимација на илјадници луѓе на концерти, генијален хумор и беспрекорна спонтаност. Опуштени и секогаш подготвени да ја доведат публиката во еуфорија.

Билетите за настапот на 2CELLOS ќе чинат 800, 1.000 и 1.200 денари, а ќе можат да се набават во продажната мрежа на МкТикетс како и онлајн.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.