//
Следи нѐ
To Top

Туристичката сезона во Охрид почнува со „Бело лето“

Со манифестацијата „Бело лето“, Охрид и годинава ќе го најави почетокот на летната туристичка сезона. Манифестацијата ќе се одржи од 3 до 5 јули , а централниот настан ќе биде на 4 јули со концерт на „Слаткаристика“, Тајзи и „Саунд месинџерс“.

Раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид, Ѓоко Апостолов денеска на прес-конференција истакна дека со „Бело лето“ ќе бидат најавени сите активности кои во текот на летниот период ќе се одржат во Охрид, со цел да се збогати туристичката понуда на градот.

реклама

– Се надеваме дека ќе бидат доволна причина, што поголем број туристи да го посетат нашиот туристички бисер. Главниот акцент ќе биде на 4 јули, во сабота, со почеток во 21 часот кога на Градскиот плоштад концерт ќе одржат „Слаткаристика“, Тајзи и „Саунд месинџерс“, во кој е и охриѓанката Симона Поповска. Она што требаше да биде како спектакл на вечерта беше планираниот настап на Боби Мојсоски, но за жал, заради професионалните обврски кон продукцијата „Икс Фактор“, мора да настапи во Белград. Неговиот настап пред охриѓани сепак ќе биде само пролонгиран и ќе се одржи во текот на летото, најави Апостолов.

Во рамки на активностите, како што додаде тој, на малиот плоштад ќе има презентација на традиционални занаети и вештини, во соработка со неколку невладини организации и здруженија на занаетчии.

– Ќе имаме презентација на рачно изработени накити, ракотворби и други занаетчиски производи што за гостите ќе претставува добра можност да се запознаат со она што како туристички производ е изработено од вредните раце на охридските занаетчии, рече Апостолов.

Според него, за разлика од минатите години, годинава интересот кај угостителите за учество на оваа манифестација, преку намалување на цените на услугите, додека трае забавата, е помал.

Согласно програмата за одржување празници и манифестации, на 3 и на 5 јули угостителските објекти ќе работат со продолжено работно време, а на 4 јули, на традиционалната „Бела ноќ“ ќе биде со неограничено работно време.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: