Следи нѐ
To Top

Фудбалер на ФК Силекс местел натпревар

Дваесет и шестгодишниот фудбалер на ФК „Силекс“ С.В. на четворица соиграчи им ветил дека ќе им даде по 1.200 евра, со цел фудбалскиот натпревар кој требало да го одигра Силекс со Металург на 18-ти мај годинава да го завршат со негативен резултат за Силекс.

Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднело кривична пријава против С.В.(26) од Кочани, вработен како фудбалер во ФК „Силекс“ од Кратово, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено давање на подароци“ по чл.253а ст.4 од Кривичниот законик на Република Македонија.

реклама

– На 23.05.2015 год. МВР е известено за случај на одигран сомнителен фудбалски натпревар помеѓу ФК Силекс со ФК Металург за што од полициските службеници превземени се соодветни мерки и активности за негово докажување, стои во соопштението од МВР.

По ова, на 24-ти мај во просториите на ПС Кратово извршени се разговори со четворицата соиграчи на пријавениот. Тие дале скоро идентично појаснување околу одиграниот натпревар на 18-ти мај меѓу екипите на ФК Металург и ФК Силекс, односно дека пред одигрувањето на натпреварот пријавениот им понудил парични средства во износ од по 1.200 евра за секој од нив, за да одиграат под своите реални можности со цел да го изгубат натпреварот. Ваквата понуда фудбалерите не ја прифатиле и според нивно кажување одиграле максимално професионално, при што натпреварот завршил со резултат 3:1 во корист на  ФК Силекс.

Фудбалерите изјавиле дека во три наврати (21, 22 и 23.05.2015 година) биле контактирани од пријавениот поради потребата заедно да одат во Пробиштип за да остварат средба со четири лица, од кои две зборувале на македонски, а две на бугарски јазик. Од разговорот и самиот настап на четирите лица, фудбалерите дошле до заклучок дека целиот проблем е во врска со одиграниот фудбалски натпревар со екипата на ФК Металург кога ФК Силекс победи со позитивен резултат (3:1), односно едно од лицата се пожалило дека се обложувало на наведениот натпревар и изгубило околу 40.000 евра. Поради губењето на паричните средства од обложувањето, од четворицата фудбалери побарале да им исплатат 15.000 евра, а остатокот до 40.000 евра (25.000 евра) да им го исплати пријавениот. Притоа на средбата им биле упатени и сериозни закани доколку не биде извршена исплата на паричните средства.

– Наредниот ден (22.05.2015 година) кога од клубот им била исплатена плата, фудбалерите им ги дале платите, по што од лицата им било кажано дека тие повеќе немаат никакви обврски кон нив и дека целиот проблем околу настанатата ситуација ќе го решаваат со пријавениот, кој со нив се договарал и гарантирал за конечниот резултат на натпреварот, се вели во соопштението.

МВР продолжува да постапува по случајот и да работи на утврдување на идентитетот на инволвираните бугарски и наши државјани, како и евентуалната вмешаност и на други лица.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.