//
Следи нѐ
To Top

Хан: Постигнат е договор за излез од политичката криза

Лидерите на четирите политички партии со посредство на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан по повеќечасовни преговори постигнаа договор за излез од политичката криза во државата.

– Можам да ви кажам дека постигнавме договор потпишан од лидерите на најголемите четири партии и задоволен сум од постигнатото, изјави Хан по средбата со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.

реклама

Хан нагласи дека лидерите се согласиле за предвремени парламентарни избори и оти фокусот понатаму ќе биде на имплементација на извештајот на Прибе и на останатите препораки на Европската комисија.

– Ова е извонреден ден за вашата земја кој ја отвори многу широко вратата на вашата евроатлантска перспектива, рече Хан.

Според него, ова е перфектен момент за Македонија и меѓународната заедница ја препознала потребата да и помогне на земјата, која е подготвена да ги исполни потребните реформи. – За ова беше постигната согласност вечерва, рече еврокомесарот.

Хан најави дека следната недела во Брисел ќе се одржи состанок на Советот на ЕУ на кој ќе се разгледаат потребните реформи, дијалогот на високо ниво ќе продолжи во септември, а потоа ќе следува и извештајот за напредокот на земјата.

– Вечерашниот договор ќе даде можност за натамошно продолжување на препораката за почеток на преговори, рече Хан. Ова треба, како што кажа да им помогне на некои земји членки кои имаа отпор и го блокираа отворањето на преговорите, да се убедат да ја отворат вратата за европската перспектива на земјата.

Еврокомесарот Хан информираше дека вечерва имал телефонски разговор со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Викторија Нуланд.

– Ова беше потврдено и од нашите американски пријатели, но мора да се каже дека ова е европски договор и оти сите партии придонесоа за овој договор, рече Хан.

Им се заблагодари на европаратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит за нивниот придонес, на американскиот амбасадор Џес Бејли и на евроамбасадорот Аиво Орав, кои исто така учествуваа во разговорите.

Заедничката средба на лидерите на четирите партии на која покрај Хан присуствуваа и тројцата европратеници и амбасадорите на САД и на ЕУ Бејли и Орав почна вчера околу 17 часот.

Еврокомесарот и тројцата пратеници на ЕП ги започнаа разговорите со лидерите на партиите претпладнето. Најнапред во мисијата на ЕУ во Скопје тие се сретнаа со Ахмети и Тачи, а потоа во резиденцијата на ЕУ имаа одвоени средби со лидерите на СДСМ и на ВМРО, Заев и Груевски.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: