//
Следи нѐ
To Top

Прљаво Казалиште: „Подготвени сме за голема забава вечерва на Пивофест!“

Вечерва на сцената на Пивофест свој настап има легендарниот хрватски бенд Прљаво казалиште, а екипата на Популарно.мк ја имаше ексклузивната можност да поразговара со нив во убавата атмосфера на хотелот Монтана Палас во Крушево.

Пејачот Младен Бодалец ни раскажа за искуството низ годините, подготовките пред вечерашниот настап, како и плановите за ова лето и новиот албум кој е веќе во најава.

реклама

– „Секоја година еднаш или два пати задолжително доаѓаме во Македонија, убаво си поминуваме, луѓето го сакаат бендот и се сеќаваат на убавите песни, па сигурен сум дека вечерва ќе си поминеме убаво со рокенролот. Зад нас има многу концерти, повеќе од 40 години сме на сцената, но најважно е да се допре до срцето на луѓето. Тоа ние го правиме преку песните, затоа што преку нив сме гласноговорници на обесправените кои имале потреба да прозборат за своите проблеми, но и за вљубените кои никогаш не ја оствариле својата вистинска љубов“.  – вели Бодалец.

Освен во Прилеп, Прљаво казалиште имаат настапи низ цел Балкан, како што вели Младен, ова ќе биде работно лето за нив.

– „Во август имаме 10 концерти во Хрватска и Србија, што значи дека ова ќе биде работно лето за нас, единствено ќе одмориме неколку дена на море, а и престојот во Крушево за нас е еден вид на одмор. Секогаш кога доаѓаме во Македонија се трудиме да уживаме во убавината на вашата земја, а тоа за нас е голем одмор“. – додава пејачот во интервјуто за Популарно.мк.

sl1

Познато е дека Прљаво казалиште многу често доаѓаат во Македонија, но ова е нивна прва посета на Крушево и Прилеп.

– „Пред 30 години бев во Битола во војска и секогаш сакав да го посетам и Прилеп, но никогаш ја немав шансата, па еве по 30 години денеска ќе ми се оствари желбата. Првпат во Прилеп, но не се сомневам дека атмосферата ќе биде добра, бидејќи ние ќе дадеме се од себе за да се забавуваме“.

Иако познатите хитови „Не зови мама доктора“, „Црно бели свет“, „Херој улице“ и многу други се песни кои никогаш нема да бидат заборавени, сепак Прљаво казалиште работи и на нов материјал. Минатата година ја објавија нивната нова песна „Тамни слапови“, а во најава е и новиот албум, за кој добивме ексклузивна најава за неговата подготовка.

sl2

– „Точно, имаме нова песна, во најава е и новиот албум, но знаете како, по сите тие силни години, имаме хитови кои никогаш нема да се заборават, па не сакаме да го форсираме новиот албум, туку напротив, да го направиме со нови хитови кои нема само така да се заборават, туку песни кои исто така ќе станат големи хитови. Ние ги правиме новите песни за нас, но и за нашата публика, секако кога имаме инспирација, но никогаш не ги форсираме веднаш да станат голем хит или да објавиме нов албум кој никој нема да го слуша. Луѓето доаѓаат да ги слушаат нашите стари песни, хитовите кои сите ги сакаат, па затоа немаме притисок да издадеме нов албум и веднаш да скокнеме на топ листите, тоа го оставаме за помладите од нас“. – додава Бодалец.

Симбол на фестивалот е пивото, па затоа Младен го прашавме дали вечерва ќе се напие пиво.

– „Секако, затоа сме и дојдени (се смее). Секогаш уживам во пивото и нема да ја пропуштиме можноста на еден голем фестивал како Пиво фест да си заминеме без да го вкусиме вашето пиво!“ – за крај изјави Младен Бодалец, пејачот на Прљаво казалиште.

sl3

Вечерва на сцената на Пивофест настапуваат Радиоактив, Заа, ДНК и Прљаво казалиште, а Прилеп е подготвен за вториот ден од Фестивалот на пивото, добрата музика и вкусната скара.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Интервју

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: