Следи нѐ
To Top

СКОПЈЕ СЕ СЕЌАВА: 52 години од катастрофалниот земјотрес во 1963

Скопје денеска со повеќе активности и манифестации одбележува 52 година од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени. 

Официјални делегации и претставници на институции утрово на Градските гробишта во Бутел ќе положат цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес.

реклама

Во Дневниот центар за дарување крв на Црвениот крст на Град Скопје, што се наоѓа во ДХО „Даре Џамбаз“, од 9 до 17 часот ќе биде реализирана традиционалната крводарителска акција..

Во Музејот на Град Скопје во 19 часот ќе се одржи литературно читање „Поетесите за својот град“, а во 20:30 часот ќе биде отворена изложбата „Скопје 1963-пред и потоа“, каде пред присутните ќе се обрати скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

0062[1]

Концептот на изложбата е прикажување на централното подрачје на Скопје, пред земјотресот и потоа. Посетителите ќе можат да погледнат фотографии, создадени за изложба реализирана во Музејот на Град Скопје во 80-тите години на 20 век, насловена „Напоредни фотографии на Скопје“. Ќе бидат претставени и фотографии од Киро Георгиевски, користени за изложбата „Старо Скопје“, реализирана во Музејот во 1993 година. Посебен додаток на изложбата е донацијата на семејството Битољану, фотографии на фотографот Томислав Петернек, направени непосредно по земјотресот, за време на неговиот престој во Скопје.

Во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи настанот „МКЦ за Скопје“. Од 20 часот ќе биде отворена изложбата на младиот македонски уметник Иван Петрушевски-Филм, со наслов „Херои и нули“. Потоа следува проекција на документарниот филм за култните „Леб и сол“, „Каша“ во режија на Дарко Марковиќ, концертен настап ќе имаат групите Sethstat&Мирко Попов, Khara и Сусијат.

Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.

Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.

Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 до 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.

И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.

Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 52 години, на 26 јули 1963 година, кога Скопје беше погодено од  земјотрес со јачина  од девет степени  по Меркалиевата скала или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.