Следи нѐ
To Top

Новиот систем за наплата во автобусите на ЈСП „Скопје“ почнува пробно

Од денеска почнува тест периодот за имплементација на два нови система во јавниот градски превоз во Скопје  – за автоматска локација на возила и системот за електронска наплата во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. Нив денеска ги промовираа скопскиот градоначалник Коце Трајановски и директорот на ЈСП „Скопје“ Игор Јанушев.

– Денеска ќе почнат да се користат електронски картички за возење во автобусите на ЈСП „Скопје“, кои ќе овозможат граѓаните полесно и побрзо да влегуваат во автобусите, а ќе се зголеми и протокот на патници, рече Трајановски и потсети дека Град Скопје распиша тендер за електронска наплата на превозот и за атоматска локација на автобусите. Вкупната вредност на оваа инвестиција е околу 3 милиони евра, обезбедени од буџетот на Град Скопје.

реклама

Електронската наплата понатаму ќе важи и за приватните превозници.

– Оваа електронска картичка се воведува во еден пробен период, а ќе функционира истовремено стариот и новиот систем. Од 1 јануари 2016 година ќе функционира само новиот систем. Од јуни следната година ќе почне наплата и во приватните автобуси. Наплатата ќе биде по поминат километар, а патниците нема да имаат проблем дали ќе се возат во приватен или автобус на ЈСП „Скопје“, рече Трајановски и апелираше граѓаните што побрзо и на време да ги извадат електронските картички за да нема турканици на пунктовите каде ќе се вадат.

Трајановски и директорот Јанушев присуствуваа на презентацијата на постапката за издавање на персонализираните картички, кои ќе чинат по  200 денари.

– Целата процедура трае една или две минути. Многу брзо, на местото се фотографира барателот на картичката и таа се изработува веднаш потоа. Ќе има осум локации во Скопје, а шест почнуваат да функционирата од денеска, односно од вторник. Остантите две се доработуваат и за неколлку дена ќе бидат отворени, рече Јанушев и додаде оти се подготвени за воведувањето на системот.

Јанушев додаде дека тест-периодот почнува еден месец порано за да може да се издадат што е можно повеќе картички, пред се на возрасната категорија на граѓани, пензионерите.

– Во комуникација со Здружението на пензионери на Град Скопје од наредната недела почнуваме со изработка на картички за нив, за да може од септември да почне изработката на картички за учениците, за основно и средно, рече Јанушев.

Од 1 јануари, од кога ќе функционираат само електронските картички, ќе може купување на единечен билет од возачот со фискална сметка.

Исто така, подготвен е и системот за автоматска локација на возилата на ЈСП, со која ќе се  овозможи секој од автобусите да биде лоциран во секое време, од почетната до крајната станица.

– На секоја автобуска станица на соодветната линија ќе има сигнална ламба која ќе свети зелено или црвено, во зависност од тоа дали автобусот на станицата пристигнал на време или доцни. Со тоа ќе се овозможи автобисите да доѓаат точно на време на соодветните автобуски станици. Ќе се овозможи во случај на одредени проблеми, да може веднаш да се реагира, рече Трајановски.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.