Поврзи се со нас

Популарно.мк

Македонија ги слави двата историски Илиндена

Актуелно

Македонија ги слави двата историски Илиндена

Република Македонија денеска ги одбележува двата историски Илиндена – 112 години од почетокот на Илинденското востание и 71 година од Првото заседание на АСНОМ. 

Претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски ќе се обрати на  свеченоста во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце, премиерот Никола Груевски ќе биде на одбележувањето во Скопје – пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседател на Президиумот на АСНОМ, а претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе се обрати на централното чествување на Мечкин Камен во Крушево. Таму ќе биде положено цвеќе на гробот на Никола Карев, на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен, каде што ќе се одржи голем народен собир.

Во Крушево за Илинден традиционално пристигнаа и коњаниците од Илинденски марш, а градот од денеска ќе биде домаќин на Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“. Во битолското село Трново, пак, ќе се одржи Семакедонска илинденска средба во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил  Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државнотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

Информативна Редакција

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.