//
Следи нѐ
To Top

СДСМ ќе бара Македонија да биде една изборна единица

СДСМ ќе побара Македонија, заедно со дијаспората да биде една изборна единица, предлог за кој се залагаат и помалите партии, изјави лидерот на опозицијата Зоран Заев при денешната посета на Велес.

– До нас стигнуваат укажувања, се сугерира да се променат изборните единици. Наместо шест, плус дијаспората, да преминеме на една изборна единица. СДСМ ги поддржува ваквите предлози за една изборна единица од името на демократијата, од име на правата на помалите. Тоа ќе го нотираме во преговорите кои ги водат работните групи. СДСМ може да изгуби некое пратеничко место, но добиваат граѓаните. Добиваме граѓански парламент. Даваме поддршка на моделот Македонија да биде една изборна единица. Така ќе се реши и проблемот со гласањето во дијаспората. Таа ќе гласа, а гласот ќе се брои во местото на живеење, рече Заев.

реклама

Тој појасни дека за гласањето на дијаспората, партиите кои учествуваат во преговорите под покровителство на меѓународната заедница имаат многу спротивставени ставови. Заев нагласи дека СДСМ не е против гласањето на дијаспората на изборите во Република Македонија, туку дека се залага таа да биде мотивирана да излегува на избори. Но, вели, не се согласува парламентарец од странство да се биде избран со само 440 гласа, кога прагот во земјава е повеќе од 8.000 гласови.

Предлогот на СДСМ да има пропишано цензус кој би бил 80 отсто од бројот на гласови за пратеник во Македонија, или да има излезност од 6,5 илјади гласачи, и кој ќе добие најмногу гласови, тој да биде пратеник, за власта, вели, било неприфатливо.

Наспроти ова, Заев рече дека работните групи се многу блиску до решение за ревидирање на избирачкиот список.

– Ќе се договори, најверојатно, целосно нов избирачки список и регистрација на гласачи со биометриски отпечаток. Планирана е посета на сите домови на граѓаните, и тие на тој начин да се евидентираат. Оставен е простор од два месеца за лицата што при посетата не биле дома, да може и тие да бидат опфатени во новиот избирачки список. Тој ќе биде јавно објавен, за да можат соседите да видат кој живее до нив, за да има конечен коректив. Тој список треба да биде кредибилен и нему јавноста да му верува. За следните локални избори во 2017 година ќе биде надграден со тие што наполниле 18 години, рече Заев.

Тој вели дека има приближување на ставовите и околу надлежностите на Државната изборна комисија, за составот се разговарало за паритетни решенија кои на крајот треба да гарантираат компетентност и надлежност на ДИК врз избирачкиот процес и конечност во одлучувањето и контролата. За составот имало повеќе варијанти, последната била по тројца од власта и опозицијата и тројца експерти.

Во врска со специјалниот јавен обвинител, Заев рече дека правните експерти во СДСМ имале изготвено нивно решение кое вчера требаше да го достават до меѓународната заедница и политичките субјекти од Македонија, и очекува утре да се разговара по него.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: