Следи нѐ
To Top

Се пропуштаат ограничен број мигранти – од Грција пристигнуваат нови

Македонските власти контролирано пропуштаат дел од мигрантите во согласност со можностите на државата за нивен хуман третман, а приоритет имаат ранливите групи, жени, деца и стари лица.

Во исто време, од Грција и понатаму пристигнуваат мигранти кои со автобуси организирано се носат кон границата со Македонија.

реклама

Полицискиот кордон кој попладнево беше пробиен од мигрантите кои се наоѓаат во пограничниот појас на грчко-македонската граница, како што вечерва од Гевгелија изјави министерот за внатрешни работи Митко Чавков, не беше поставен со цел да ја затвори јужната граница со Грција, напротив со цел на поорганизиран и редуциран начин да се пропуштаат дел од мигрантите и да се врши соодветен трансфер до местата за регистрација и за јавен превоз.

– Практично тоа беа планирани мерки и активности во контекст на оние две комплементарни цели кои си ги поставивме како Влада на Република Македонија. Примарната цел е хуманитарен пристап или соодветно хуманитарно згрижување на мигрантите за што сведочи и бројката на мигранти кои во текот на вчерашниот ден и од сабајле се трансферирани од граничен камен 59 до железничката станица во Гевгелија, каде што беа регистрирани и примарно згрижени околу 900 мигранти, претежно жени и деца како ранливи категории, рече министерот Чавков.

Вториот аспект е безбедносниот, кој, како што истакна, е неопходно потребен во контекст на мерките и активностите што ги презема Владата за заштита пред се на граѓаните во Гевгелија.

Во оваа прилика, тој ги повика граѓаните на Гевгелија да бидат смирени, притоа упатувајќи уверување дека на соодветен начин и со соодветен пристап ќе се успее да се амортизираат проблемите кои се наметнуваат од вчера.

Министерот Чавков укажа на фактот дека Македонија делува самостојно без никакво содејство од која било држава од ЕУ, а најмалку од страната на Грција. – И понатаму продолжува трендот на неконтролиран трансфер на мигранти од Грција спрема Македонија. Тоа е основната и главната причина да не можеме на соодветен начин да одговориме на тој неконтролиран трансфер. Неопходна е потреба од координација со грчките полициски структури, рече Чавков.

Тој информира дека денеска на оперативно ниво, на наша иницијатива, на граничниот премин Богородица е остварена средба со грчките полициски органи, на која присуствувале полициските аташеа на Грција и на Србија во Република Македонија.

Од наша страна е даден апел до грчките полициски структури да преземат соодветни мерки и чекори да го редуцираат трансферот на мигранти кој, според Чавков, сега е неконтролиран и несоодветен според капацитетите за трансфер во Македонија. – Очекувам да наидеме на разбирање од грчка страна, иако имаме разбирање и за нивниот проблем со мигрантите, но не е решение на дневна основа тие да ни пуштаат по пет до шест илјади мигранти. Очекувам од овие состаноци на оперативно ниво да почне да се нормализира состојбата, рече Чавков.

Покрај овие мерки и активности што се преземени во текот на денешниот ден тој информира дека се подготвува една парцела која од државата е утврдена како парцела на која ќе треба да се врши регистрација на мигрантите. – Интенцијата ќе биде во близина на грчката граница да се создадат претпоставки и да се развијат капацитети за регистрација и за трансфер во јавниот превоз. На тој начин сакаме да ја амортизираме состојбата во Гевгелија и таму да обезбедиме нормален живот, а мигрантите да ги трансферираме во тој правец, истакна министерот Митко Чавков вечерва во Гевгелија.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Uncategorized

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.