Следи нѐ
To Top

Вечерва започнаа 54. Струшки вечери на поезијата

Струшките вечери на поезијата се голем триумф на македонската култура и традиција која несомнено на еден благороден начин го збогатува европскиот и светскиот културен простор, нагласи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на отворањето на 54. фестивалско издание.

Фестивалот почна со традиционалното читање на Константиновата Т’га за југ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, а претходно во Паркот на поезијата беше засадено дрвце во чест на лауреатот, добитникот на највисокото признание „Златен венец“, кинескиот поет Беи Дао.

реклама

Струшките вечери на поезијата, според министерката, несомнено се еден искрен придонес на нашата држава во заемното запознавање и почитување на културите и градењето на новата димензија на пријателството меѓу народите во светот.

–  Оваа манифестација, преку која  одекнува полифоничноста на поетскиот збор,  е најголем афирматор на поетските вредности  на сите светски јазици, но и на универзалниот сон на човештвото кој едноставно вели дека историјата ја уништува идејата за вечноста,  а поезијата може да го спаси светот, истакна Канческа-Милевска.

Веќе пет децении, подвлече министерката, Струга е домаќин на  овој импозантен поетски собир, кој благодарение на групата македонски поети кои во почетокот на шеесетите години ја иницираа идејата за Струшките вечери на поезијата стана исклучителен книжевен симбол за секој поет. Ова, додаде, е најстарата поетска манифестација во светот, која големите поетски мигови  ја дефинираа како стабилна и мудра одлука на македонскиот народ, за сите народи.

– Достигнувањата на Струшките вечери на поезијата, на овој фестивал со космополитски и универзален концепт, несомнено не обврзуваат и во иднина заеднички да ги градиме нераскинливи културни врски меѓу нас, да ја негуваме традицијата на обединување на светот низ поетскиот збор. Посакувам успешно издание на 54-те Струшки вечери на поезијата со кои верувам дека ќе потврдиме дека Република Македонија е интерконтинентална поетска веле-сила, дом на илјадници поети од целиот свет, нагласи Канческа-Милевска.

Кинескиот поет и автор Беи Дао, посочи, со својот грандиозен, планетарно распослан поетски опус на сите јазици остави длабоки траги во светската поетска мисла. – Делата на овој автор, неговата страствена и сугестивна поезија е автентична и исклучително богата и во оваа смисла, слободно можеме да забележиме дека Беи Дао е исклучителна појава во светската поетска историја, поетски глас на една генерација на автори кои одбележаа значајна епоха од развојот на светската литература, рече министерката.

Од востанувањето на фестивалот до сега, потсети, земјава ја посетиле над 5.000 поети од сите светски меридијани кои со својот  поетско – уметнички чин искрено и трајно се вградија во реномето на оваа меѓународна манифестација. – Дел од нив се закитија и со најпрестижното признание, лауреат на Струшките вечери на поезијата, кое е императив за секој поет, бидејќи го потврдува негово место меѓу најголемите светски поетски пера, рече министерката Канческа-Милевска.

Струга по 54. пат ќе биде претстолнина на поезијата, а фестивалот ќе се одржува пред Домот на поезијата и на отворени сцени во Струга. Истовремено поетски читања, „Поезија на пат“ ќе има и во Охрид, Ресен, Битола и Скопје. По свеченото отворање во предворјето на Домот на поезијата, годинава поетско послание ќе има познатиот сириско-либански поет со светска слава Адонис, кој ќе се обрати во име на сите поети учесници и лауреати на Златниот венец кој годинава одблежува 50 години.

Потоа следува меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“. На фестивалската програма предвидени се поетски читања на учесниците од платформата „Версополис“ и традиционалните „Ноќи без интерпункција“. Поезија ќе читаат и поетите од потесниот избор на наградата „Браќа Миладиновци“, чиј добитник ќе биде прогласен в сабота на прес-конференција. Во чест на јубелејот „50 години Златен венец“ ќе има поетски портрет на Адонис, лауреат во 1997 година.

Престижната награда на Беи Дао ќе му биде врачена в недела на традиционалното поетско читање „Мостови“.

На 54.Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 44 поети од 29 земји. Присутни ќе бидат имиња од современиот поетски свет од Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија, САД, Либан, Мексико, Молдавија…

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.