Следи нѐ
To Top

Врачување на „Златниот венец“ на лауреатот Беи Дао на Струшките вечери на поезијата

На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ што традиционално секоја година се одржува на Мостот на поезијата со врачување на „Златниот венец“ на годинашниот лауреат кинескиот поет Беи Дао и доделување на наградите „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ вечерва завршува 54. издание на Струшките вечери на поезијата.

Годинашниот лауреат, кинескиот поет Беи Дао е 50-ти јубилеен добитник на највисокото признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен лаворов венец. За Македонија рече дека ја гледа како мала земја со древна историја, која успеала да развива поетски фестивал повеќе од половина век со толкаво влијание во светската поезија. Беи Дао, кој пред 12 години беше учесник на фестивалот, истакна дека признанието е многу важно за него, но и дека е среќен што има можност повторно да се сретне со големи поетски имиња од светот.

реклама

Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата за 2015 година ќе и биде врачена на Виолета Танчева-Златева за книгата „Година без лето“.

Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант ќе и биде врачено на шпанската поетеса Паула Бозалонго.

Покрај добитниците на наградите, на поетскиот митинг ќе настапат и поети од разни страни на светот, а Струга деновиве по 54-ти пат беше претстолнина на поезијата.

Педесет и четвртиот поетски фестивал свечено беше отворен во средата со традиционално читање на Константиновата „Т’га за југ“, палење на фестивалскиот оган и поетското послание на Адонис пред Домот на поезијата во Струга. На 54. издание на Струшките вечери на поезијата учествуваа над 40 поети од 29 земји.

Наградата „Златен венец“, првпат му е доделен во 1966 на рускиот поет Роберт Рождественски за најдобра песна, а од 1971 година, кога лауреат бил американскиот поет Вистан Хју Одн, Златниот венец се доделува за творештво.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.