Следи нѐ
To Top

Татјана Алексиќ: Живот на одложено

Одложено плаќање, одложено лекување, одложени закони и казни, одложени активности, диети, разговори, средби, одложено студирање, учење лекции (школски или животни)…

Разговорно или народски одолговлекување, а стручно или на латински прокрастинација (pro –напред и crastinus – утре) е сериозен животен проблем. Понекогаш е само тривијален и безопасен (како одложено пеглање на пример ), но кога станува животен стил или навика работите или проблемите да се оставаат за утре и во недоглед, станува животен проблем.

Скарлет О‛Хара имала право кога во култниот филм „Одвеано со виорот“ мудро поентира со познатата реплика „Утре е нов ден, утре ќе мислам за тоа“ мислејќи дека е подобро работите да преспијат, но животното искуство постојано предупредува со народната мудрост „ што можеш денес не оставај за утре“ или „кој рано рани две среќи граби“ (а може и да се проsева цел ден ). Одложувањето е одбранбен механизам поради ниската толерантност на фрустрацијата , некогаш последица на депресија и анксиозност, а не ретко и поради перфекционизмот и страв од неуспех.

Чувството на беспомошност, инфериорност и недоверба во себе често е последица од големите очекувања, високи критериуми, поставување превисоки цели, притисоци од најблиските и страв од непријатностите с о кои се судруваме дур остваруваме цели. Одговор на прашањето зошто едно прваче едвај чека да оди на училиште, а подоцна бега од истото е токму во нас одговорните, родителите, наставниците и системот. Нашите грешки и гревови го туркаат ученикот надвор од училницата и не постои глупав и паметен за школо, туку мотивиран и де мотивиран. Ако работната задача постојано ја одложуваат за некој друг ден веднаш треба да го де активираме веќе активираниот проблем на одложено или кампањско учење.

Истото е со нас возрасните, кога се плашиме од соочување бегаме од истото криејќи се во празнината на животот составен од фрагменти. Тие празнини стануваат дупки, а кога набрзина сакаме да ги пополниме со партали или ѓубре, правиме депонија од сопствениот живот, таложиме проблеми кои на куп тешко се расчистуваат!

Кога одложувањето често се повторува станува активност која не остава во пасива. Но кој е толку самокритичен да го увиди и признае истото, а уште потешко да поработи врз сопствениот дефект? Забраната за купување алкохол по 22ч не ја прифаќаат оние кои не сакаат да признаат дека имаат проблем со алкохолот, а не со слободата да прават што сакаат. Одложувањето на диетата со рефренот „од утре сум на диета “ е симптом на моментална немоќ и проблем на иднината затоа што фамозното „утре“ добива своја репетиција, утре, па утре, па задутре…

По секоја акција следува реакција, ако сте преоптоварени со многу обврски и активности како прва активност направете листа на приоритети и ПОНЕДЕЛНИЧКИ АКТИВНО, не одложувајте за следниот понеделник, оти некој со задоволство ќе ви плати, ама во вторник. Од сите нешта на одложено, консумирајте само одложен оргазам, секако со познат партнер на познат терен, полезен е, без последици и камати

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Колумни

  • Читачка криза…

    Сѐ поблиску сме до неповратна загуба на читачката кондиција!

    Татјана Алексиќсептември 6, 2015
  • Вистината како стока…

    Има ли цена и драгоценост вистинската информација во вистинско време? Отсекогаш, вистинската информација е најдрагоцената стока во меѓучовечките односи важна за...

    Татјана Алексиќсептември 6, 2015
  • Љ-витамин, превенција за комплекси!

    Чувството на пониска вредност е отров кој перманентно не труе и не ни дозволува да им се противставиме на животните проблеми.

    Татјана Алексиќсептември 6, 2015
error: Содржината е заштитена со авторски права.