

Компанијата Епл на настанот во Сан Франциско претстави поголема верзија на својот iPad таблет компјутер.
Новиот таблет наречен АјПад Про има дисплеј од 12,9 инчи и резолуција од 5,6 милиони пиксели. Според експертите од компанијата новиот поголем екран е подобар за работа, играње на видео игри, како и за гледање на филмови.
Таблетот е со дебелина од само 6,9 милиметри. Новиот А9Х процесор работи дури 22 пати побрзо од првата верзија, додека графиката има за 360 пати подобри перформанси. Батеријата трае до 10 часа, а АјПад Про доаѓа со четири звучници и специјално дизајнирана смарт тастатура.
– Иако АјПад минува низ тежок период, овој уред е далеку поуспешен од било кој друг таблет на пазарот и се уште претставува работа од над милијарда долари, изјави Геоф Блабер, од консултантската компанија Ци-Ци-Ес Инсајт.
Епл АјПад Про во продажба ќе се најде од ноември по цена од 799 долари за верзија со 32 ГБ и 949 долари за верзија со 128 ГБ. Новиот АјПад доби и Епл Пенсил, што ќе чини 99 долари и паметна тастатура што ќе чини 169 долари.