Следи нѐ
To Top

Со светската премиера на филмот „Лазар“ вечерва започнува фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола

Со светска премиера на филмот „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски, вечер во Центарот за култура во Битола свечено ќе биде отворен 36. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој ќе трае во наредните десет дена под мотото „Филмот е убав“.

На свеченото отворање ќе им бидат врачени наградите „Златна камера 300“ на почесните добитници – специјални награди за особен придонес во филмската уметност на познатите актери Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков и награди за животно дело на кинематограферите Ришард Ленчевски и Божидар-Бота Николиќ. Третиот добитник на признанието е Јаромир Шофр, кому наградата ќе му биде врачена на свеченото затворање, на 27 септември.

реклама

Наградите на годинашните лауреати вечер во Битола ќе им ги врачат претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој е и покровител на фестивалот, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Битола Владимир Талески, а публиката ќе ја поздрави новиот директор на ИФФК, Димитар Николов.

На вечерашното отворање ќе биде врачена и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ од Друштвото на филмски професионалци, која годинава ја добива карикатуристот, автор на анимирани филмови и архитект Дарко Марковиќ. 

Во десетте фестивалски денови ќе бидат прикажани 215 филма. Од нив половина се во различни категории, од кои три натпреварувачки (Официјална, Нов европски филм и SEE Камера), а останатите 111 се студентски филмови. Организаторите најавија присуство на околу 700 гости (еминентни филмски работници, критичари и студенти). Гости во Битола ќе бидат и седумдесетте  најдобри студенти од факултетите за драмски уметности од 13 универзитети од ЈИЕ, со кои Фестивалот годинава потпиша меморандуми за соработка.

Во официјалната програма на 36. ИФФК се 13  жанровски различни филма, снимени од веќе познати директори на фотографија, но и остварувања на нови имиња. Меѓу филмовите има и наградени на престижните фестивали во Кан, Берлин и Венеција. Тие ќе се натпреваруваат за наградите „Златна камера 300“ (Златна, Сребрена и Бронзена), а наградите ќе бидат врачени на затворањето на ИФФК.

За наградите во главната натпреварувачка програма ќе одлучува петчлено меѓународно жири, под претседателство на полскиот кинематографер Ришард Ленчевски – еден од тројцата годинашни добитници на „Златна камера 300“ за животно дело.

Оваа година „Браќа Манаки“ ќе има две нови натпреварувачки програми: Нов европски филм – посветена на први или втори играни филмови на режисери од Европа (десет филма селектирани од Дејан Трајкоски) и програмата SEE Камера (осум филма селектирани од Саша Станишиќ). Во двете програми ќе се доделуваат по две награди (за филм и за кинематографер) награда „Бона деа“ за европските филмови и „Златен Манаки“ за филмовите од Југоисточна Европа. Тука се и Документарната програма (селектор Гена Теодосиевска) и Кратки филмови (селектор Јованка Попова), како и детската програма „Големо платно – голема разлика“ на фестивалскиот партнер – ВИП.

Покрај филмски проекции, на фестивалот ќе има конференции (за филмска критика, за кинематографери од Балканот..), работилници, семинари, промоции и изложби, 75 придружни настани на 40-ина локации во градот.

Организаторите информираа дека церемонијата за свеченото отворање и затворање на 36. ИФФК е во знакот на 110 години од првата филмска камера на Балканот.

Иако донесува новини, меѓу кои и е поголемото времетраење, годинашниот ИФФК ја задржува практиката воведена пред неколку години да биде отворен со премиера на македонски филм. „Лазар“ е копродукција на Македонија, Хрватска, Бугарија и Франција и оставрување на режисерот Светозар Ристовски по 11 години.

Тематизира приказна за распадот на едно семејство кое егзистира со пренесување бегалци. Сценариото почна да се развива токму на ИФФК, на „Манаки стрип корнер“. Филмот веќе е прифатен за натпреварувачка програма на фестивалот во Варшава.

На вечерашната премиерна проекција во Битола, филмот пред публиката ќе го претстави дел од екипата – режисерот Ристовски, директорот на фотографија Дејан Димески, актерите Дејан Лилиќ и Наташа Петровиќ и продуцентката Корнелија Ристовска.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.