Следи нѐ
To Top

Денови на медот: Да се купува мед само од сертифицирани производители

Професионализација и едукација на пчеларите за комерцијално производство, користење селектиран репроматеријал и воведување организирано опрашување со пчели на земјоделските култури како редовна агротехничка мерка, се само дел од предвидените активности на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) за поголемо и поквалитетно производство на мед.

Како што беше речено денеска на отворањето на годинашната 11. манифестација Денови на медот, чиј покровител е МЗШВ, ќе се интензивира и селидбеното пчеларење за подобро искористување на медоносните растенија, што е исто така во насока на поголема продукција.

реклама

На штандовите поставени на улицата „Македонија“, освен различни типови мед од преку 30 домашни производители, посетителите можат да дегустираат и да купат матичен млеч, полен, прополис, пчелин отров и восок. Има и мед за пушачи, како и мед за слабеење.

– Пчеларството како исклучително значајна стопанска гранка, со посебен дел е опфатено во заедничката основна програма за одгледување добиток 2011/2020 година, чија главна цел е подобрување на репродуктивните и производните карактеристики на автохтоната медоносна пчела, истакна државниот советник во Министерството Цветан Трипуновски.

Годинава, додаде, се обезбедени 600 денари за презимено пчелно семејство за пчелари со најмалку 35 пчелни семејства, а за органското производство плус 50 отсто од оваа сума. Се поддржува и набавката на пчелни матици од регистрирано одгледувалиште, како и подигнување нови насади со медоносни растенија.

Според Трипуновски, преку редовните контроли, МЗШВ прави огромни напори за да ги заштити вистинските производители на мед.

– Да се купува мед само од познат и сертифициран производител, е пораката на претседателот на здружението „Матица“ Јане Марков, кое ја организира манифестацијата.

Годинава, како што информира Марков, е средно поволна за производителите. Се уште нема точна проценка со колкава продукција ќе биде завршена, но извесно е дека багремовиот и планинскиот мед ќе ги има во релативно доволни количини за разлика од лани.

Цената во текот на следните три дена ќе биде „саемска“, 350 денари за тегла, но вообичаено медот достигнува 400 па и 450 денари.

– Во Македонија медот се продава по најниска цена ако се земе предвид дека во соседните земји, Албанија, Црна Гора, Србија, килограм достигнува најмалку 10 евра, посочи Марков.

Производителите ја поздравуваат поддршката од државата која изнесува 600 денари за пчелно семејство, но сметаат дека треба да биде најмалку 1.000 денари.

Годинашните „Денови на медот“ на кои штанд има и Факултетот за земјоделски науки и храна, ги отвори градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски во присуство на американскиот амбасадор Џес Бејли. Жерновски и Бејли ги посетија штандовите по што дегустираа  27 различни типови мед.

– Добро е на едно место да се видат толкав број локални производители кои произведуваат висококвалитетн производ, вкусен и здрав, рече Бејли, поздравувајќи ги учесниците на манифестацијата.

Во Македонија има над 4.000 пчелари со повеќе од 80.000 пчелни семејства. Од едно пчелно семејство просечно се добиваат 12 килограми мед годишно, а потрошувачката е 700 грама мед по глава на жител. За споредба, во Германија потрошувачката е девет, а во Јапонија 16 килограми по жител.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.